Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски денеска се сретна со претставници на Здружението „Еснаф”, предводена од Бејтула Морина, претседател на еснафите.
На средбата, како што соопштија од општина Центар, се разговараше за проблемите на дуќанџиите што се на територија на Центар, можните решенија за нив, а се разговарало и за потпишувње меморандум со кој би се унапредила соработката на здружението „Еснаф” и општина Центар.
– Отворен сум за соработка, заедно ќе седнуваме на маса да ги разгледаме проблемите и ќе ги решиме согласно законите. Токму Старата чаршија е место кое што е пример за општество за кое се боревме, разни луѓе, разни култури, разни религии, со една цел, подобар живот за сите, искрен да бидам чај пијам секаде, но најубаво ми е на „теферич во чаршија”. Сигурен сум дека оваа средба ќе вроди со плод, а резултатите ќе можат да ги видат сите за брзо време, рече градоначалникот Жерновски.
Претседателот на Здружението „Еснаф”, Морина на градоначалникот Жерновски му ги претстави проблемите со кои секојдневно се среќаваат дуќанџиите на центарскиот дел на старата скопска чаршија.
– Како и секаде така и во овој дел дуќанџиите се соочуваат со проблеми, кои за среќа се решаваат, но пред се потребен е слух и желба за соработка, која очигледно денеска ја добивме од вас господине Жерновски. Како претставници на здружение кое што брои стотици членови сакам да ве известам дека веќе имаме започнато соработка со Министерството за економија со цел враќање и зачувување на автентичниот изглед на старата чашија. Исто така се надеваме и на поголема реализација на проектите кои што се започнати со Министерството за култура, рече Бејтула Морина, претседател на Здружението „Еснаф“.
Од страна на еснафите градоначалникот Жерновски доби плакета во знак на благодарност за досегашната поддршка, со желба за зацврстување на соработката и реализација на договорените активности кои што следуваат.