(ВИДЕО) По десет години Шутка добива гинеколог

По речиси цела деценија, од денеска почнува повторно со работа гинеколошката ординација во Шуто Оризари. Докторката Вјолце Мбиара која доаѓа од Албанија ги прими првите пациентки. Во ординацијата ќе работи секој ден од 09 до 16 часот.
Докторката не зборува македонски, но вели дека тоа нема да биде проблем во комуникацијата со пациентките, бидејќи медицинската сестра разбира и албански и македонски, пренесе ТВ 24.

„Имам работено три години и знам отприлика како е да се работи со оваа струка. Мислам го разбирам проблемот со пациентите, се разбирам со пациентите, комуникативна сум“,Неџибе Исмаили, медицинска сестра.

Министерот за здравство Арбен Таравари тврди дека со вработувањето на гинекологот трајно го решаваат деценискиот проблем.

„Јас се надевам дека таа успешно ќе работи, се надевам дека пациентите ќе бидат задоволни и се надевам понатаму да најдеме во сите региони каде што недостасуваат гинеколози, а прилично недостасуваат низ цела Македонија“, вели Арбен Таравари – министер за здравство.

Жените во Шуто Оризари задоволни што конечно почнува со работа гинеколошката ординација, но сепак скептични се до кога и како ќе функционира.
Досега велат имаше неколку обиди на здравствените власти да обезбедат гинеколог во амбулантата, но завршуваа без успех и беа привремени решенија. Сега се надеваат дека ќе имаат континуиран пристап до здравствените услуги.

„Рекоа дека ќе функционира, меѓутоа колку ќе трае односот со работењето тука има прашалници повеќе, сметам дека треба да се направи една друга иницијатива, за жените Ромки заслужуваат третман како што секој национално што го има нели, да ужива во своите привилегии, гинекологија, кој век сме?“

„Па и затоа не одевме, затоа што немавме. Стварно ни требаше гинеколог тука. Се надевам ќе биде подобро“

Деценискиот проблем со недостатокот од гинеколог во Шуто Оризари резултираше со поразителни статистики за стапката на смртност токму кај ромските доенчиња. Околу 8.000 жени од населбата кои беа во репродуктивен период немаше кој да им ја следи бременоста и да алармира доколку има компликации во плодот, а на многумина од нив им беа наплаќани нелегално здравствените услуги.

Министерот Арбен Таравари кој најави дека ќе ја напушти функцијата министер за здравство во трка за градоначалник на Гостивар – не открива до кога ќе седи во министерската фотелја, а не открива ниту кои се имињата за кандидати за нов министер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e