Изборот за градоначалнички кандидат на локалните избори во октомври го искара врвот на општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ од Охрид.
Телевизија 24 од блиски извори во партијата дознава дека доцна синоќа на заеднички состанок во штабот на ДПМНЕ дошло до бурна вербална расправија поради предлогот на поедини членови од партијата актуелниот градоначалник Никола Бaкрачески да биде повторно кандидиран на изборите во октомври.
Според информациите, на состанокот присуствувале генералниот секретар Мицкоски и претседателот на комитетот и пратеник во Собранието Љубен Арнаудов кои денеска не беа достапни за коментар. Неофицијално ТВ24 дека по кавгата следела и физичка пресметка помеѓу дел од присутните, но од СВР децидно тврдат дека пријава за тепачка не постои.
Тв 24 денеска се обиде да стапи во контакт со првите луѓе на партијата во Охрид, но никој не сакаше да коментира што и како се случувало на состанокот. Во меѓувреме на својот фб профил еден од поистакнатите членови на партијата во градскиот совет на Охрид, Дејан Паноски соопшти дека се повлекува од партијата и политиката.Тврди дека неговата одлука нема поврзаност со синоќешниот состанок.
Паноски е се уште актуелен советник во советот на општина Охрид, но и локално познат како еден најголемите поборци во партијата и истакнат член од првите редови на ВМРО – ДПМНЕ. За ТВ24 тој вели дека во целата ситуација и во се што се пишува најсигурно е дека тој ги напушта активностите во партијата и се повлекува од сите политички позиции. Детали и причини не сакал да коментира.