Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, вечерва, во фоајето на центарот за култура „Антон Панов“ ја отвори 54-та Меѓународна струмичка ликовна колонија. Пред присутните меѓу кои и претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов и членови на истиот, Костадинов истакна дека оваа ликовна колонија е една од најзначајните меѓународни културни содржини кои се одржуваат секоја година во нашиот град и е една од најзаслужните за мапирањето на Струмица во земјава и надвор од неа, како исклучително важен културен центар.
-Најпрвин чувствувам потреба на домаќините од овој струмички храм на културата, предводен од директорот Ване Ристов Патриков, а посебно на луѓето од Секторот за ликовно – галериска дејност при Центарот за култура „Антон Панов“, да им се заблагодарам за укажаната чест, токму јас да го означам почетокот на 54. Меѓународна струмичка ликовна колонија. Таа чест е поткрепена од сознанието кое би сакал да го споделам со Вас, а е многу интересно. Имено, јас имам 27 години, а колонијата која е пред нас има двојно повеќе – 54. Тоа ме прави да бидам возбуден и со голема почит кон големината на оваа манифестација. Меѓународната струмичка ликовна колонија е најстарата (во континуитет) ликовна колонија во Македонија и една од најстарите на Балканот. Како таква и како една од најзначајните меѓународни културни содржини кои се одржуваат секоја година во нашиот град, е една од најзаслужните за мапирањето на Струмица во земјава и надвор од неа, како исклучително важен културен центар. Во изминатите 53 години, низ оваа колонија поминале над илјада ликовни творци од сите светски меридијани, меѓу кои и големи имиња и презимиња од светот на ликовната уметност, кои на Струмица , во трајна сопственост, и оставиле непроценливо богатство од околу 2500 творечки дела, изработени во разни ликовни дисциплини. Така било досега, нека биде така и во иднина. Искрено се надевам дека и овогодинешната колонија, ќе помине во исклучително пријателска и творечка атмосфера, во која петнаесетте учесници од Чешка, Полска, Турција, Бугарија, Црна Гора, Србија и Македонија, убаво ќе се разбираат со универзалниот јазик на ликовната уметност. Посакувајќи им добредојде во нашиот град на сите гости – учесници, и со надеж дека во наредните 12 августовски денови, Струмица и струмичкиот амбиент ќе им бидат доволно инспиративни за создавање добри дела, 54. Меѓународна струмичка ликовна колонија ја прогласувам за отворена, рече Костадинов.