Основниот суд во Свети Николе изрече една година затвор за 21-годишниот Р.А. од селото Сарамзалино, поради семејно насилство врз неговата 34-годишна бремена партнерка.
Според судот, тој е прогласен за виновен за кривичните дела телесна повреда и противправно лишување од слобода. Осомничениот се наоѓа во притвор, кој му е продолжен до правосилноста на пресудата.
Настанот се случил на 19 и 20 февруари во семејниот дом, каде обвинетиот најпрво ја навредувал партнерката, а потоа и физички ја нападнал. Тој ѝ ги одзел мобилниот телефон и клучевите од автомобилот, по што ја заклучил во соба и ѝ го ограничил движењето.
Во текот на насилството, ѝ нанел повеќе повреди удирајќи ја со тупаници по главата и телото. Според обвинителството, кога жената се онесвестила, тој ја однел во бањата и ја освестил со ладна вода, по што продолжил со нападот.
Кога се обидела да избега, повторно била заклучена и држена против своја волја околу 15 часа.
