Прес конференција. ОО СДСМ Велес
Весна Стојанова Богоевска, портпарол на ОО СДСМ Велес
Велес, 15.08.2017
Почитувани претставници на медиумите, почитувани сограѓани,
На денешната прес конференција укажуваме на штетните и незаконски постапки на мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ предводено од градоначалникот Славчо Чадиев и директорот на ЈКП Дервен.
По распишување на локалните избори, спротивно на законот, во општина Велес вработија 10 лица, а во ЈКП Дервен вработија 20 лица на определено време преку агенции за времени вработувања.
Во овој момент општина Велес има повеќе од 100 редовно вработени и 47 вработени на определено време. Тоа е за три пати повеќе споредено со бројот на вработени кога општина Велес беше предводена од кадри на СДСМ и кога беше најдобра општина во Македонија.
Во ЈКП Дервен состојбата е повеќе од загрижувачка. Вкупниот број на вработени од 230 е двојно зголемен.
Ваквите неразумни, погубни и штетни политики се причина за големите долгови на општната и за големиот број ветени, а не остварени проекти од животно значење за граѓаните.
Народски кажано, парите кои се слеваат во буџетот на општината и во ЈКП Дервен наместо да се трошат за изградба на улици, тротоари, паркинзи, водоводи, канализации, мостови, затворен пазар, училишта, детски градинки, за социјална помош, за набавка на современи нови возила за собирање на комуналниот отпад и за други проекти што ќе го подобрат животот на граѓаните, за жал се трошат за плати на непотребно вработени партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Во прашање се огромни суми на пари, над 300 милиони денари или над 5 милони евра за последните четири и пол години. Тоа е премногу дури и за нај богатите општини. Затоа, почитувани сограѓани не се чудете зошто толку малку е направено. Вашите пари се трошени ненаменски, недомаќински и неодговорно.
Вработувањата пред локалните избори го потврдуваат стравот на ВМРО-ДПМНЕ од пораз на претстојните локални избори.
Доста беше.
Граѓаните на општина Велес се свесни за состојбите, знаат да направат разлика и тоа јасно и недвосмислено ќе го докажат со казнување на неодговорните политики и со давање доверба на нова локална власт предводена од СДСМ која со чесно, одговорно и домаќинско работење ќе обезбеди квалитетни услуги и подобрување на животот на сите граѓани на општина Велес, како во градот, така и во населените места.