Прес конференција
Весна Стојанова Богоевска, потпарол на ОО СДСМ Велес
Велес, 31.08.2017
Почитувани претставници на медиумите, драги сограѓани,
Стана редовна пракса ВМРО ДПМНЕ пред избори да започнуваат изградба на објекти.
Пред еден месец до градоначалникот Славчо Чадиев упативме добронамерна јасна и недвосмислена порака дека до крајот на мандатот освен неопходните не треба да презема никакви градежни и други активности за да им се додворува на избирачите, туку следните приходи да се наменат за раздолжување на општината. И дека, во спротивно, доколку општината ја остави незаконски задолжена, ќе се соочи со лицето на правдата и за тоа кривично ќе одговара според законските прописи. За жал тој ги игнорираше нашите апели и продолжи со неодговорното, недомаќинско и незаконско трошење на народните пари.
Тоа е уште еден доказ за паниката, безидејноста и агонијата на ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи знаат дека ги очекува тежок пораз на претстојните локални избори.
Го повикуваме градоначалникот Чадиев и градежните инспектори да наредат веднаш да престанат сите градежни активности на кружниот тек на одвивање на сообраќајот пред Гимназијата заради следното грубо кршење на законските прописи:
1. Не е утврден посебен времен режим на одвивање на сообраќајот на оваа значајна крстосница, не е одобрен проект и не е добиено одобрение од сообраќајната полиција на МВР со што е загрозена безбедноста на граѓаните, возачите, а за неколку денови и на учениците.
2. Не се добиени потребните неопходни согласности од ЈКП Дервен затоа што на тоа место поминуваат значајни подземни инсталации, како и од ЕВН и другите оператори кои имаат подземна инфраструктура во просторот што ќе го зафати кружниот тек.
3. Не се обезбедени финансиски средства туку се гради на вересија, со што грубо се крши Законот за финансирање на ЕЛС, затоа што општина Велес која и без тоа е во долгови до гуша се задолжува без одобрение на Министерството за финансии.
Почитувани,
Ве известуваме, дека доколку Чадиев и градежната инспекција не ја стопираат изградбата, за да ги заштитиме интересите на граѓаните на општина Велес, веднаш ќе побараме:
1. Државниот градежен инспекторат да направи инспекциски увид и да наложи запирање на изградбата и
2. Антикорупциска комисија да го испита овој случај и заради грубо кршење на законските прописи да преземе соодветни законски постапки против неодговорниот градоначалник Чадиев, кој за четири и пол години не изгради ниеден голем капитален објект, а сега сака со народни пари да си прави кампања пред избори што е строго забрането со закон.
Доста беше.
Граѓаните на Велес не заслужуваат ваков градоначалник и ваква неодговорна и неспособна локална власт, на која и текнува да работи само кога ќе се распишат избори.
Затоа, веќе на следните локлани избори, граѓаните ќе изберат нова локална власт предводена од СДСМ која преку чесно, одговорно и домаќинско работење ќе обезбеди економски развој, намалување на долговите и квалитетен живот за сите граѓани.