Кандидат од редовите на СДСМ за градоначалник на Општина Битола ќе биде професорката Наташа Петровска. Ова на Фејсбук го објави генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.
Еве што тој напиша:
Драги битолчани,
Како Генерален секретар на СДСМ, кој потекнува од Битола, со задоволство сакам да ви ја соопштам официјалната одлука:
наш кандидат за градоначалник на Општина Битола ќе биде нашата истакната сопартијка и досегашен координатор на советничката група на СДСМ во Советот на Општината,
професорката Наташа Петровска.
Наташа Петровска е победничкиот кандидат, не само на СДСМ туку на сите граѓани на Општина Битола и апсолутно влегува како фаворит на овие избори.
СДСМ Битола овој пат имаше 12 предлог кандидати, со исклучителна биографија, човечки и професионални квалитети, што како факт дополнително ја отежнуваше одлуката, а оваа прилика ја користам, токму нив, да им се заблагодарам за одважноста да се кандидираат, коректноста во процесот на одлучување и заемната меѓусебна поддршка.
Нивниот придонес во текот на изборната кампања ќе биде повеќе од значаен, да имаме градоначалник уште во првиот изборен круг.
Несакајќи да се навраќам на кое дереџе претходната власт и градоначалник ја доведоа нашата Општина, ве уверувам, ви гарантирам дека со нашиот кандидат и со значајна поддршка од централната власт, Битола ќе биде место каде вреди да се живее, да се твори и старее, право место за школување и водење бизнс, место за квалитетно лекување, град за култура и спортување, град со европска инфраструктура.
Почитувани сограѓани,
Ве повикувам заедно, уште во првиот круг од локаните избори да овозможиме првата жена градоначалник да одржи лекција како се води Општина која заслужува да биде значаен регионален и државен центар во Република Македонија.