Пред две години имало 116, а годинава 190 ученици во средното училиште во Крива Паланка

Втора година е во пораст бројот на ученици запишани во прва година во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ Крива Паланка, споредено со претходните години. По трите пријавувања, во учебната 2025/26 година запишани се 190 ученици, лани имало 175, а 116 во 2023/24.

Директорката на училиштето, Елена Ѓоргиевска истакна дека интересот на младите да останат во својот град е резултат на мерките што во изминатите години се носат на локално ниво за поддршка на учениците.

-Најголем интерес, согласно трендовите во последните години, има за стручно образование. Потполнети се сите предвидени паралелки во петте стручни сектори: градежно-геодетска струка, здравствен сектор – медицинска сестра, угостителско туристички, електротехнички сектор со два профили, компјутерска техника и автоматика и електротехничар-енергетичар, како и економско-правен и трговски сектор, е-трговија. Во шесте паралелки запишани се вкупно 150 ученици, додека останатите се запишани во три паралелки од гимназиско образование. Радува фактот што овој тренд на се поголем број ученици да се запишат во нашето училиште е резултат на сите мерки кои заедно со локалната самоуправа се креирани тѕокму за поддршка на нашите ученици, на средношколците – рече Ѓоргиевска.

Укажа дека образовните профили и сектори се креираат во координација со МОН, согласно консултациите со релниот сектор и локалните потреби на пазарот на трудот, пред се, во соработка и со бизнис секторот, со компании и фирми кадешто се изведува практичната настава од стучните паралелки.

-Покрај атрактивните стуки, секако значајна улога имаат и мерките за финансиска поддршка на средношколци, меѓу нив и најновата воведена од минатата учебна година за финансиска поддршка на сите средношколци од прва година од општината, по 2.000 денари во текот на учебната година. Но тука се и стипендиите за талентирани ученици и спортисти, како и поддршка за матуранти, така што учениците, со поддршката и професионалниот ангажман и посветеност на професорите, имаат одлична атмосфера за учење и напредок, развој ан нивниот едукативен и личен потенцијал за правилно насочување и обучување за иднината, оцени Ѓоргиевска.

Потенцира дека училиштето бележи значајни достигнувања на бројни меѓународни натпревари, како учество на Светска гимназијада на училишниот 3х3 тим, високи награди од Меѓународниот гастрономски и кулинарски натпревар „Морски бисер“ во Хрватска, Меѓународен ораторски натревар „Гласот на Балканот“ и други.

-Континуирано вложуваме и во унапредување на наставниот кадар и нивниот професионален развој, органзираме тим-билдинг активности, обуки достапни за сите професори од повеќе области, редовно вложуваме и во опремување на кабинетите со нагледни средства и опрема, изјави директорката на СОУ „Ѓорче Петров” Крива Паланка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e