По реакција на граѓаните, пајак на Паркинзи Општина Центар (ПОЦ) му го собра „ферарито“ на поранешниот кошаркар и претседател на КФМ, Перо Антиќ, поради тоа што бил непрописно паркиран пред седиштето на федерацијата.
На фејзбук групата „Ѕид на сообраќајниот срам“ граѓани реагираа и оставаа коментари, а после тоа и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, постираше фотографии на кои беше прикажано како пајак му го собира возилото на бившиот кошаркар.
Инаку ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје за една недела санкционираа 333 непрописно паркирани возилакои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот. Во периодот од 30.09. до 06.10.2019 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 161 непрописно паркирани возила, од кои четри (4) несовесно паркирани возила на паркинг места наменети за лица со посебни потреби, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 172 возила кои биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.