Депонија во Неготино нема да се гради. Ова денеска на прес-конференција го изјави неготинскиот градоначалник Тони Делков, по реакциите во јавноста и иницијативата на Здружението на граѓани „Ековита”, за референдум по ова прашање.
-Сакам денеска да информирам дека изградба на депонија на територија на општина Неготино нема да има. Јас сум на страна на граѓаните. Деновиве кои изминаа, јас како градоначалник, заедно со советниците од редовите на СДСМ и коалицијата и дел од општинската адмионистрација, будно го слушавме гласот на народот. Согласно волјата на граѓаните, следејќи ги сите демократски процеси, кои се одвиваат во нашата оштина, денеска ја испраќам пораката, дека депонија во општина Неготино нема да има. Деновиве сме сведоци на спроведување на еден од најдемократските облици на изразување на волјата на граѓаните поврзани со прашања кои се во надлежност на Општината. Односно, во тек е собирање на потписи за организирање на референдум, рече Делков.
Најостро ги отфрли обвинувањата дека е вршен притисок врз граѓаните за да не се потпишуваат на иницијативата.
-Притисоците, заканите и влечењето на граѓаните за уши, е одлика единствено на ВМРО-ДПМНЕ и тоа време заврши. Деновиве кои изминаа од страна на одредени поединци, организации, политичката партија ВМРО-ДПМНЕ си искористија за манипулација на граѓаните. Односно, се обидоа преку лаги да добијат политички поени. Но, тоа не им помина. Не ги научија лекциите од минатото. Луѓето кои беа на власт кои ја предвидоа депонијата, кои го дадоа земјиштето под концесија и дозволија депонија да функционира, денес лицемерно и лажно се претставуваат како најголеми заштитници. Граѓаните многу добро знаат дека единствено ние го браниме јавниот интерес, нагласи градоначалникот.