Директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Саша Богдановиќ, се обидува да ги преземе сите паркиралишта на територијата на општина Центар. Според соопштението што го упати денес, во интерес на граѓаните кои биле многу задоволни од работата на неговото јавно претпријатие тој бара од Владата да му го додели на управување паркиралиштето спроти хотелот „Холидеј ин“, а од наредната недела ќе почне да ги презема сите јавни паркиралишта кои се под ингеренција на ЈП „Градски паркинг“ на територијата на неговата општина.
„Според последната теренска анкета што ја спроведовме, висок процент
граѓани се задоволни од услугите на претпријатието и сметаат дека
контролата на паркинг-местата во општина Центар треба целосно да ја
преземе ЈП ПОЦ. Со преземањето на останатите паркиралишта сите
жители на општина Центар ќе имаат можност да ги користат поволностите
што ги нуди претпријатието, поволности што не ги добиваат од другите
претпријатија кои сега стопанисуваат со другите паркиралишта. Со
тоа ќе го задоволиме барањето на центарци кои очекуваат нови
резидентни паркиралишта и повеќе паркинг-простор за најава на гости.
Исто така, ќе се отворат и голем број паркинг-места во Центар за
жителите од другите општини“, стои во ссопштението од ова јавно претпријатие.
„Со оглед на тоа што претпријатието не стопанисува со доволен број
паркиралишта, ЈП „Паркинзи на Општина Центар има потреба од зголемување
на капацитетите за паркирање на територија на општина Центар“, се објаснува во соопштението пред да се најави првата иницијатива – барањето до Владата паркиралиштето од затворен тип на улицата Кеј 13 Ноември, со капацитет од 550 паркинг-места, со кое во моментот стопанисува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, да биде во надлежност на ова ЈП. Тој практично му објави војна на градоначалникот Коце Трајановски за паркиралиштата.
Извор: макфакс