Во рамки на кампањата, пратеникот Љупчо Николовски во Крива Паланка се сретна со пензионерите – луѓето кои, како што порача, со својата работа, посветеност и искуство го изградија нашето општество.
– Разговаравме за тоа каква Крива Паланка затекнавме во 2017 година – заборавен и запуштен град, без иднина, вложувања и вистинска грижа и помош за граѓаните. Со јасна визија и план, со љубов кон нашиот град, силно лобирање и влијание, успеавме да обезбедиме историска финансиска поддршка од Владите на СДСМ, каква што никогаш досега не била реализирана. За секој проект – голем или мал – се изборивме, и денес Крива Паланка е поврзан, модерен, урбан и културен град, порача Николовски по средбата.
Вели дека Крива Паланка станала мала македонска метропола.
– Со бројни капитални инвестиции, експресен пат, модернизирани и обновени патишта, нови плоштади, паркови, патеки, градинки, училишта и тротоари, со нов генерален план и визија – Крива Паланка стана мала македонска метропола. Секој ден и ноќ пружавме рака на секој еден човек без оглед на било која разлика. Секогаш бевме и сме тука за секој, без поделби.
Николовски нагласи дека за оваа Влада Крива Паланка не постои на мапата.
– Со пензионерите разговаравме и за нивната заслужена почит. За жал, денес се соочуваат со неправда. ВМРО-ДПМНЕ го укина моделот за усогласување и раст на пензиите според трошоците на живот и платите – модел кој СДСМ го воведе и кој обезбедуваше зголемување два пати годишно. Со нивниот линеарен модел, над 310.000 пензионери добиваат помалку од она што ќе го имаа со моделот на СДСМ.
Ние ќе продолжиме да се бориме – и за пензионерите, за младите и за нашиот дом.
Крива Паланка, за оваа Влада, не постои на мапата. Затоа, ние имаме план и долгорочна визија – Крива Паланка да биде на европските мапи.