Со вчерашните изјави на Христијан Мицкоски дадени за време на туристичката посета на Прилеп, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека ни малку не излегол од популистичката матрица на неговиот ментор, Никола Груевски, реагираат од ОО СДСМ Прилеп.
“Лидерот на партијата која судиите и обвинителите ги бираше од партиско тефтерче, чии функционери нарачуваа судски пресуди и апсеа неистомисленици заради лични хирови, премиер чија Влада и денес бесрамно се обидува да го партизира судството во секој негов сегмент, не смее да изусти било што за македонскиот правосуден систем. Од тие причини, секој обид на Мицкоски и ДПМНЕ за префрлање на вината врз било кој друг политички субјект, е акт на тешко лицемерие и манипулација.”- стои во реакцијата.
Тие исто така реагираат на најавата на премиерот и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, дека откупната цена на тутунот нема да се зголеми а субвенциите ќе бидат пониски од ланските, за што според нив претставува потценување на маката на тутунарите и проблем кој сериозно ги тангира граѓаните на Прилеп и населените места.
“Ако во посетата на Мицкоски на нашиот град имаше нешто добро, тоа е можноста самиот да се увери во она што го кажуваат и прилепчани, но и внатрепартиските анкети на ДПМНЕ: дека процентот на реализација на предизборно ветените проекти на Борче Јовчески е НУЛА, што го прави да биде најслабиот градоначалник во Македонија и најнеспособниот во историјата на Прилеп!
Реалноста вели дека и после 3 години од градоначалничкиот мандат, најавените катни гаражи, кружни текови, новиот Генерален урбанистички план, затворениот пливачки базен, бесплатниот оброк за ученици до четврто одделение, реконструкцијата на градските плоштади и Старата чаршија, останаа мртво слово на хартија.”- потенцираат од опозициската партија.

“Мицкоски со свои очи виде дека Борче Јовчески и мнозинството во општинскиот Совет предводено од ДПМНЕ, не се способни да ја стават во функција детската градинка во населбата „Точила“, ниту пак да ги одржуваат изградените проекти од претходната локална власт на СДСМ, каков што е спортско-рекреативниот центар кај вештачкото езеро. Мицкоски знае, а граѓаните на Прилеп уште повеќе, дека најголемото „достигнување“ на Јовчески и ДПМНЕ се зголемените цени на водата, на комуналните давачки, на данокот на имот, двапати поскапениот градски превоз, “експлозијата“ на дивоградби, темните и со дупки „украсени“ улици и јавни претпријатија донесени пред банкрот. Злото наречено ДПМНЕ, на своја кожа најдобро го почувствуваа прилепчани!” – велат од СДСМ.
