Мајката видела крв од главата на 2-годишното дете – МВР за трагедијата во Гази Баба

Утрово во 01:58 часот, на Клиниката за неврохирургија во Скопје, згасна животот на двегодишното дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ во скопската населба Гази Баба. И покрај натчовечките напори на лекарите кои се бореа за неговиот живот повеќе од 24 часа, повредите на мозокот се покажаа како фатални.

Од Клиниката за МИА потврдија дека смртта настапила како резултат на „многу тешки повреди на мозокот предизвикани од метално страно тело“. Лекарите се воздржани од прецизирање за каков точно предмет станува збор, оставајќи ги деталите за судско-медицинските вештачења.

Според полицискиот билтен, трагедијата се случила непосредно пред полноќ на 31 декември 2025 година. Мајката на детето, 21-годишната Г.Д., во својот исказ пред полицијата објаснила дека излегла во дворот од куќата во Гази Баба заедно со детето за да го гледаат новогодишниот огномет. Во еден момент, таа слушнала чуден звук, по што веднаш забележала крв на главата на своето дете. Детето итно било пренесено во Клиничкиот центар во животозагрозувачка состојба.

Министерството за внатрешни работи (МВР) изврши службен разговор со двајцата родители, мајката Г.Д. (21) и таткото М.А. (26). По наредба на јавен обвинител, телото на детето е предадено на обдукција, која треба да даде прецизен одговор што точно го погодило детето – дали се работи за залутано зрно од огнено оружје, шрапнел од пиротехничко средство или друг метален предмет.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој уште вчера го окарактеризира случајот како еден од двата сериозни инциденти за Нова година, изјави дека станува збор за „метален фрагмент кој во првиот момент не можел детално да се специфицира“. „Има повеќе теории на случај за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдиме причините, ќе ја информираме јавноста“, рече Тошковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e