И граѓаните на Кавадарци сакаат како Гевгеличани да се изјаснат на референдум дали сакаат рудници во планината Кожуф, пишува СДК
Тие предупредуваат дека не смее да се запостави фактот дека 70 до 80 отсто од територијата на планинската оаза на Кожуф планина припаѓа на Општина Кавадарци а за рудникот на злато не треба да одлучуваат само граѓаните на Гевгелија, туку и жителите на неколку општини од Тиквешијата кои и пијат и вода од под Кожуф,
Според информациите кои ги имаат тиквешани, досега е дадена само концесија за детални геолошки истражувања на кавадаречка територија.
Претседателот на месната заедница Горна Бошава Дарко Најдов вели дека жителите не смеат да се откажат од целта да развиваат рурален туризам базиран врз чисти, здрави и незагадени селски атари. Тој потсетува дека веќе се ангажираат околу правење на сместувачки капацитети и Ооганизираат посета на манастири, стари историски локалитети, планинарење, еко туризам, планински велосипедизам.
Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов вели дека засега има само испитувања за потенцијалот за евентуално отворање на рудник во месноста Гладница на кавадаречка територија.
„Како општина се имаме изјаснето дека сме против било какви ископи, интервенции и сечење на шума во заштитената зона околу регионалниот водовод Лукар. Во тек ни е изработка и на елаборат за проширување на таа заштитена зона. Нема да дозволиме никакви минирања или било какви нарушувања на природата. Ако е потребно, референдумски ќе се изјасниме како Гевгелија“, вели градоначалникот Панов.