Стотина фотографии во црно-бела техника од фотографката Ана Срока од Полска, родена кривопаланчанка, од вечерва се поставени во галеријата на Центарот за култура во Крива Паланка.
Изложбата со наслов „Корени и крила” е рефлексија на суштинските вредности во животот на фотографката Срока: љубов, радост, среќа, страст, слобода, пријателство, олицетворени низ главните ликови на нејзините фотографии – нејзините четири деца: Јан, Јаков, Хелена и Ева.
– Моите соништа остварени низ призма на фото објективот се мојот начин на изразување пред светот. Ова посакувам да им биде пример на моите деца и да ги инспирира сите други да не се откажуваат никогаш од остварување на целите во животот. Мојот роден град Крива Паланка е место полно љубов и инспирација што ми ги даде крилјата во животот. Благодарам на моето семејство, моите најблиски и мојот сопруг, за сѐ што ми пружија во животот, зашто без нив ништо не ќе беше возможно, рече Срока.
Ана е позната фотографка што седум години твори и нејзините фотографии се полни со живот, автентични приказни што изобилуваат со емоции и енергија.
Изложбата ја отвори директорот на Центарот за култура Сашко Додевски, кој истакна дека е задоволство да се биде домаќин на настан на кој се претставуваат талентот и уметноста на авторка која потекнува од општината и повика сите што имаат творештво од која било уметност, а потекнуваат од Крива Паланка, да се вратат во татковината и да се претстават пред својата публика.
Изложбата е дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2025“.