Излевањето на токсичен рударски отпад во Крива Река од рудникот „Тораница” е директен резултат на криминалната спрега меѓу власта и бизнис-елитите! Независните анализи потврдија алармантни концентрации на тешки метали: олово, арсен и цијанид кои претставуваат сериозна закана за здравјето на жителите и животната средина, но институциите прават сè за да го прикријат злосторството, велат од Левица.
„Министерот за животна средина, Изет Меџити, не само што ја дозволи оваа катастрофа, туку и се обиде да ја заташка, тврдејќи дека станува збор само за „заматување на водата”. И за жал, за очекување е, „Булмак 2016”, компанијата која управува со рудникот, да продолжи со работа како ништо да не се случило. Во реалноста, рударските компании под контрола на ДПМНЕ, ја трујат реката со опасни хемикалии, а државата не презема ништо! Напротив таа е соучесник. На чело на рудниците во Крива Паланка (Тораница) и Пробиштип (Добрево) стои Тони Тоневски – Тозо, поранешен градоначалник на Пробиштип од ДПМНЕ и актуелен претседател на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Пробиштип. Тоневски не е обичен управител, менаџер – тој е директно назначен од премиерот Христијан Мицкоски, како дел од партиската шема за контрола на рударската индустрија.
-Бараме итно повлекување на раководителот Тони Тоневски-Тозо од сегашната функција и истрага која би ја воспоставила неговата улога во труењето на реките. Дополнително, бараме драконски казни за концесионерите „БУЛМАК 2016” кои соодветствуваат на сторената штета. Се помалку од ова би било продолжување на политиките кои доведуваат до вакви катастрофи“, тврдат од партијата.