Грозјето скапува на нивите – Лозарите повторно изневерени

Пред само два дена министерот за земјоделие Цветан Трипуновски во својата посета на Кавадарци самоуверено изјави дека „целото грозје ќе биде откупено од страна на винариите“. Но, денес 19- ти септември, реалноста е сосема поинаква. Лозарите се оставени на цедило, а грозјето им скапува на нивите! – велат од СДСМ Кавадарци.
Најавеното „решение“ за проблемот со откупот на грозјето се претвори во нова агонија. Денес гледаме забавена динамика на откупот, празни ветувања и повторување на старите сценарија.
Министерот Трипуновски тврдеше дека за оваа реколта ќе има производство од над 100 милиони килограми грозје, а на последната посета на Кавадарци, на периферијата на градот, опкружен со соработници, изјави дека досега се откупени 78 милиони килограми. Остануваат уште над 22 милиони килограми грозје за откуп.
Јавно го прашуваме министерот Трипуновски:
• Како ќе бидат откупени повеќе од 22 милиони килограми грозје од винарија која последен пат откупувала пред пет години, и тоа со капацитет од едвај 7 милиони килограми?
• Дали винаријата „Вардар“ има обезбедено финансиски средства да им го исплати грозјето на лозарите?
Овие прашања не се случајни – тие се израз на нашата загриженост за лозарите, бидејќи винаријата нема вршено откуп од 2020 година.
Лозарите се изморени од празни ветувања. Лозарите сакаат реални решенија, не шеми и манипулации.
Дали се подготвува нова измама на лозарите, како онаа во 2016 година, кога партиски блиските визби добија пари, а лозарите останаа со неплатено грозје?
Доста е! – порачаа лозарите.
Трудот на лозарот не смее да биде жртва на партиски игри и предизборни манипулации. Лозарите бараат чесна цена, сигурен откуп и навремена исплата, ништо повеќе, ништо помалку! – потенцираат од СДСМ Кавадарци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e