Пролетните земјоделски активности во Крива Паланка повторно ги активираа пожарникарите. Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) алармира дека само од почетокот на март имале десетина интервенции, најчесто на отворен простор каде се опожарени големи површини мешовита шума и пасишта.
Командирот на ТППЕ Крива Паланка, Иле Коцевски, предупредува дека несовесното палење стрништа и фрлањето догорчиња веќе предизвикале сериозни материјални штети. Во селата Мала Црцорија и Луке, пожарникарите едвај спречиле огнот да ги проголта локалните викенд куќи. Властите апелираат на крајна внимателност и почитување на забраната за палење оган на отворено.
