Кога криминалот цвета – се унапредуваат обвинети. Кога владее неспособност – институциите се оставаат без раководство. Кога е на власт ВМРО-ДПМНЕ – на удар се граѓаните, реагираат од ОО СДСМ Крива Паланка.
Оттаму алармираат дека Центарот за социјална работа во Крива Паланка веќе два дена е без директор. Не се потпишуваат акти, не се решаваат предмети.
– Граѓаните, особено најранливите, се оставени во неизвесност, а институцијата е доведена до целосен застој.
Истовремено, Олгица Ристовска – поранешна директорка, со активна обвинителна постапка, позната по притисоци врз корисници на социјална помош за време на избори – е унапредена во раководител на служба за социјални услуги. Ова е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ – партија што институциите ги гледа како своја приватна сопственост, а граѓаните како средство за уцена и политичко поткусурување, велат од општинската организација.
Бараат итна реакција од надлежното министерство, одговорност за унапредување на лице со обвинение за криминал и итно поставување нов раководител со интегритет, кој ќе ја врати законитоста и редот во Центарот!
-СДСМ будно ќе ја следи ситуацијата и нема да дозволи злоупотреба на институциите за партиски или семејни интереси.Граѓаните заслужуваат праведно, транспарентно и одговорно управување, а не криминални спреги и распад на институциите, наведуваат во нивното соопштение.