Деветнаесетгодишен возач од кавадаречко се здобил со повреди откако со возило се превртел на локалниот пат Кавадарци – село Ресава.
Како што информира МВР, настанот бил пријавен на 2 април во ОВР Кавадарци, кога патничко возило „даеву ланос“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од И.Д.(19) од село Бегниште, излетало и се превртело на коловозот.
Возачот се здобил со телесни повреди, кои биле констатирани во Општата болница во Кавадарци, каде што е задржан на лекување.
По преземените мерки, било утврдено дека тој управувал без положен возачки испит и под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта.
По насоки од јавен обвинител, возилото било одземено, а увид извршила увидна екипа од ОВР Кавадарци. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
