Првата недела од војната против Иран ги чинеше САД повеќе од 11,3 милијарди долари, според брифингот на Пентагон пред членовите на Конгресот, објави денес „Њујорк тајмс“.
Повикувајќи се на анонимни извори кои биле присутни на брифингот во вторник, весникот наведува дека бројката не ги вклучува многу од трошоците поврзани со подготовката на нападот, што укажува дека конечната бројка би можела да биде значително поголема.
Претставници на Пентагон претходно му соопштија на Конгресот дека во првите два дена од конфликтот се потрошени околу 5,6 милијарди долари муниција, што е далеку поголема сума од претходните проценки.
Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS), независен тинк-тенк со седиште во Вашингтон, ги процени трошоците за првите 100 часа од операцијата на 3,7 милијарди долари, или повеќе од 891 милион долари дневно.
Некои од тие трошоци се веќе предвидени во буџетот, но најголемиот дел – 3,5 милијарди долари – не е, забележа CSIS во студија објавена на 5 март.
Веб-страницата „Iran War Cost Tracker“, која ги следи трошоците на САД за војната во Иран во реално време, во четврток наутро, околу 8 часот по Гринич, покажа проценка според која вкупниот износ изнесува повеќе од 17 милијарди долари.
Милијарда долари на ден
Според страницата, САД трошат милијарда долари дневно. Но, овие проценки не ги земаат предвид долгорочните трошоци, како што се грижата за ветераните или индиректните трошоци.
Центарот за американски напредок (CAP), кој ги вклучува овие индиректни трошоци во своите пресметки, процени дека трошоците од војната надминале пет милијарди долари само на четвртиот ден од конфликтот.
„Со сегашното темпо на операции, тринеделна војна лесно би можела да резултира со трошоци што надминуваат десетици милијарди долари“, процени CAP.
