(ВИДЕО) Стојковски во 360˚: Анкетата го покажа почетокот на целокупниот распад на гласачката структура на ВМРО-ДПМНЕ

Во дебата на „360 Степени“, Марко Трошановски, прв човек на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ зборуваше за новата анкета на Брима Галуп и пресвртот во рејтинзите на двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и нивните лидери, Зоран Заев и Никола Груевски.

– Дека рејтинзите ќе се разминат во спротивна насока е изненадување и за мене, од причина што многу брзо се случува ова одвојување на рејтинзите. Приближувањето беше некоја константа и малку забрза како што ескалираше кризата, но и самата анкета е правена во период кога само што е формирана владата и од тука, никакви мерки или чекори кои ги презема новата коалиција не влијаеле на одговорите на испитаниците во тој временски период. Така да, имајќи го тоа во предвид малку сум изненаден – рече Трошановски.

Тој рече дека во последната анкета на неговиот институт направена за потребите на Телма, партиите биле изедначени.

– Она што се забележува во оваа анкета е дека е зголемен процентот на поддршката кај албанската популација за СДСМ, како и позитивниот рејтинг на Зоран Заев за сметка на Груевски, кој долго време суверено владееше на таа листа – рече Трошановски.

Тој се согласи дека Заев го презеде водството по настаните во Собранието од 27 април.

– Несомнено насилните настани во Собранието влијаеја бидејќи самиот ефект на жртва којшто го отелотвори Заев сигурно влијае кај симпатиите на јавноста, што од сочуство, што од емпатија, што од поддршка, но исто така и целиот ненасилен процес на менањирање на кризата и инклузивен пристап којшто го имаше Заев низ сиот тој период, мислам дека дефинитивно му ја донесе оваа зголемена поддршка кај двата најголеми етникума во земјава – рече Трошановски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e