МВР поднесе 4 кривични пријави против градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески

Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ПС-ОН -Македонски Брод поднесе 4(четири) кривични пријави против актуелниот градоначалник на општина Македонски Брод Милосим Војнески, актуелниот директор на основното училиште во Македонски Брод , поранешниот директор на средното училиште во Македонски Брод, управители на градежни фирми и управители на фирми за стручен надзор за направени злоупотреби на службената положба и овластување и непочитување на одредбите од Кривичниот закон, Законот за јавни набавки и Законот за експлоатација на минирелните суровини во Р.Македонија, дознава И-Портал.

Првата кривична пријава е против градоначалникот Војнески и против актуелниот и поранешниот директор на ООУ Св. “Наум Охридски” Тони Ставрески и Гоце Милески.

Војнески се сомничи дека во учебната 2011/2012г без да спроведе постапки за јавни набавки за превоз на ученици од основно и средно училиште иако согласно Законот за локална самоуправа бил надлежен да го организира превозот на учениците и дозволил да се набавуваат производи и услуги за потребите на Локалната самоуправа без притоа да ги почитува одредбите од Законот за јавни набавки за кои со закон бил обврзан, злоупотребувајки ја службената положба и овластување го оштетил општинскиот буџет за средства во износ од 11.152.283,00 денари.

Второ и трето осомничениот дозволиле превоз на учениците од училиште до дома и обратно да се врши од фирми без да биде спроведена постапка за јавна набавка со што според пријавата Ставрески го оштетил буџетот за средства во износ од 1.746.100,00 денари а Милески за 4.565.390,00 денари.

Втората кривична пријава која е поднесена до Основното јавно обвинителство – Кичево против градоначалникот Милосим Војнески се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување за период од 2012-2015г.

Постојат основи на сомневање дека градоначалникот во 2014г не го испочитувал Договорот за доделување на нафтени деривати од 7000 литри нафта за чистење на речното корито на р.Треска на подрачјето на општина Македонски Брод, а склучен со министерството за животна средина и просторно планирање на РМ. Војнески се товари дека дозволил да се троши гориво за службени и приватни потреби без да се води било каква евиденција за потрошеното гориво. Потоа, со непочитување на законските и подзаконските акти од Буџетот на општината вршел исплата на средства на физички лица, здруженија на граѓани, фондации, спортски клубови. Давал согласност за вработување на лица иако дел од работните места не биле систематизирани.  За сето ова, градоначалникот според МВР, дозволил да се оштети општинскиот буџет за средства во износ од 9.821.180,00 денари.

Третата кривична пријава е против градоначалникот Милосим Војнески, управителот на фирмата “Пела-Транс” с.Мажојчиште, општина Прилеп, Мире Синадиноски, против Ибрахим Емини, управител на фирмата “Бибај Експорт Доо” и Ѓуро Велковски, управител на фирмата “Ве-Инг” од Скопје, а се однесува за изградба на викенд зона во с.Близанско.

Сите четворица се сомничат дека го оштетиле општинскиот буџет за средства во износ од 14.281.332,00 денари.

Четвртата кривична пријава поднесена до Основното јавно обвинителство-Кичево е за изградба на викенд зони во с.Белица и Здуње, а е против градоначалникот на Македонски Брод Милосим Војнески, Рамадан Емини од с.Селце, општина Тетово како управител на ДПТУ “Бибај Компани” и Љубомир Терзиоски од Скопје, управител на “ДПТУ Хидро градежен инжинеринг Доо Скопје”.

Постои основано сомнение дека се вршело незаконски ископ и е вградуван тампонски материјал од блиска околина а како доказ за вградениот материјал се доставувани лажни потврди, надлежните без да извршат контрола на квалитетот на тампонскиот материјал потпишувале градежни документи за фирмата изведувач а градоначалникот потпишал анекс на договорот и ја зголемил набавката за 3.165.927,00 денари, спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки. без за тоа да побара и добие Согласност од Советот при Бирото за јавни набавки на РМ.

Сите осомничени лица, според МВР, извршиле злоупотреби со кои го оштетиле буџетот на општина Македонски Брод за 11.056.580,00 денари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e