Спасовски: Холокаустот да не се повтори

Нашата политичка и морална должност е да ја сочуваме вистината за Холокаустот и неговите жртви, никогаш да не бидат заборавени, со цел оваа трагедија никому и никогаш да не се повтори. Нашата обврска е со сите сили да се бориме против антисемитизмот, негирањето и обидите за искривено толкување на Холокаустот, говорот на омраза, дискриминацијата и сите останати форми на кршење на човековите права, кои со голема брзина се шират пред се преку социјалните мрежи.

Ова го нагласи премиерот Оливер Спасовски на денешната Комеморативна академија по повод 27 Јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот. Меѓу другото спомена дека во рамки на ова одбележување треба да се потсетиме и на 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, кои во март и април 1943 година беа депортирани и убиени во логорот Треблинка.

Во таа насока, информира тој, Владата во тесна соработка со Еврејската заедница во нашата држава и со Меморијалниот центар за Холокаустот на македонските Евреи, посветено работи на сите полиња кои се однесуваат на Холокаустот, особено на едукацијата, како темел за негување на колективната историска меморија на злото и за трајно сеќавање и почит кон жртвите.

– Би сакал да ја подвлечам цврстата опредлеба на РС Македонија за интензивирање и збогатување на активностите на сите полиња поврзани со Холокаустот, сеќавањето е првиот чекор во нашите цврсти заложби такво злосторство никогаш да не се повтори, рече меѓу другото Спасовски.

Тој изрази и уверување дека трендот на позитивни одлуки за, како што рече, мојата држава, ќе продолжи и оваа година, пред се во однос на нашите очекувања за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Премиерот Спасовски потсети дека нашата држава беше меѓу првите земји кои ја усвоија работната дефиниција за Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот за антисемитизмот, а во план е и усвојување и работната дефиницјиа за негирање и искривено толкување на Холокаустот, како и превод на македонски и на албански јазик на најновите препораки за учењето на Холокаустот.

Претседателка на Еврејската заедница во РС Македонија, Берта Романо – Николиќ, осврнувајќи се на Холокасустот истакна дека логорот Аушвиц го потсетува светот оти сеќавањето на ова зло е наша морална обвврска. Во време сегашно, кое забрзано губи интерес за хуманистичките вредности, оцени, треба упорно да се промовира, да ги едуцираме новите генерации, да не се отвора можност и простор за нетолеранција, ксенофобија, расисам и антисемитизам, создавајќи така услови за нови злосторства.

– Само сеќавањето и емпатијата не го спречуваат неговото повторно раѓање, поготово во тешки, матни и зли времиња, ако не научиме тоа зло да го препознаваме. Трајна е опомената дека злото никогаш не е секогаш победено и оти сега и секогаш мораме да ја отстраниме секоја идеологија која би можела да го оживее. Наша морална должност е да се спротивставиме со нулта толеранција, рече Романо – Николиќ.

Укажа дека едуцирањето е градење на морални вредности, кои кај секој млад без разлика на која нација и припаѓа или која вера ја исповеда, ќе обликува пред се морален став и убедување дека мора да се спротивстави на злосторстовото и секое зло кое е поттикнато од незнаење, примитивизам, став од различности и стереотипи.

Амбасадорката на Шведска во нашата држава, Кристин ‎Ф. ‎Бенгстон подвлекувајќи дека Холокаустот е сурово злосторство против човештвото и рана во историјата на човештвото, нагласи дека заканите и омразата кон Евреите се уште се проблем на општествата денес и ситуацијата, рече, се влошува, особено преку социјалните медиуми.

– Можеме и мораме да сториме повеќе за да се бориме против антисемитизмот, да се спротивставиме на негирањето и искривувањето на Холокаустот и да ги промовираме демократските вредности и почитувањата на човековите права, изјави амбасадорката Бенгстон.

Влада на Шведска, истакна шведската амбасадорка, е посветена на бробата против антисемитизмот и на сите други форми на расисазм, насилен екстрмизам и верски мотивирана дескриминација и насилство. Амбасадорката Бенгстон најави дека во октомври оваа година Шведска ќе биде домаќин на Меѓународен форум во Малме за сеќавање на Холокаустот и борба против антисемитизмот во 2020 година насловен „Запомнете и реагирајте“. Меѓу шефовите на државите и Влади, кои се поканети, заедно со научници, експерти, претставници на НВО, како што најави, поканет е и претседателот на државата Стево Пендаровски.

Според претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, денеска се одбележуваат две работи за незаборав и тоа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот и депортацијата на 7.144 Евреи од Македонија во логорот Треблинка.

– Масовното погубување на македонските Евреи, на Евреите во Европа, но и уништувањето на сите земски траги за нивното постоење, имаше цел да се сотре секаква трага од постоењето на еден древен народ. За среќа, еврејскиот идентитет опстои иако на територијата на Макеоднија 98 проценти од еврејското население беше ликвидирано, рече претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e