Месојадците поздрави од вегетаријанците?

Иако поретко се оддаваат на пороци како алкохол и цигари и зачестено се бават со физички активности, вегетаријанците, според истражувањето на научниците од Медицинскиот факултет во Грац, генерално, се помалку здрави од месојадците.

Луѓето кои од исхраната ги исфрлиле месото и месните производи имаат повеќе изгледи за развој на физички и ментални болести, утврдиле австриските научници по истражувањето спроведено врз 1320 испитаници, а пренесува британскиот Independent. Иако вегетаријанците имаат, глобално гледајќи, поздрав начин на живот, општиот квалитет на живот им е полош во однос на луѓето кои консумираат месо и притоа, имаат почеста потреба од лекарска помош.

Исхраната на вегетаријанците ја сочинуват производи со помалку заситени маснотии и холестерол како последица од внесувањето на овошје, зеленчук и производи од целосни зрна, но сепак истражувањето покажува дека се посклони кон ризик од појава на рак, алергии и ментални заболувања како депресија.

Во истражувањето учествувале 330 вегетаријанци, 330 луѓе кои понекогаш консумирале месо, но затоа поголема количина на овошје и зеленчук, 300 лица кои се хранеле урамнотежено, но консумирале помала количина на месо и 330 во чија исхрана месото било многу застапено.

Вегетаријанците консумирале помали количини на алкохол, а индексот на телесна маса им бил понизок, но и покрај тоа општата психичка и физичка здравствена состојба им била полоша. Сличен резултат се покажал и кај оние кои консумирале помали количини на месо. Утврдено е дека оние кои се хранеле „поздраво“ поретко оделе на превентивни систематски лекарски прегледи и почесто избегнувале вакцини што може да биде една од причините за нивната полоша здравствена состојба.

Екипата австриски научници предводени од епидемиологот др. Натали Буркерт ги отфрлила сугестиите според кои нивната студија е само реклама за месната индустрија. Др Буркерт рекла и дека е потребно да се спроведат дополнителни истражувања за да се утврди што е причина за ваквите резултати.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e