Доктор Игор Штагљар: Имаме лек против ракот на бели дробови

Доктор специјалист Игор Штагљар, професор од одделот за биохемија и медицинска генетика на Универзитетот во Торонто, објави важна вест во вторникот вечер. Тој наведува дека со својот тим дошол на дофат на излекување на еден од најозлогласените тумори на денешницата – ракот на белите дробови, пишува „24сата.хр“.

– Дојдовме до тој стадиум така што лекот е подготвен за употреба и ќе почнеме да го применуваме и во Хрватска. Соработуваме со КБЦ Јордановац и многу брзо ќе почнеме со истражувањето во Канада, но и во Хрватска – рекол Штагљар во емисијата на ХРТ, „Во својот филм“.

– Патот до ваквото откритие трае 8-10 години, меѓутоа во овој случај траеше пет години. Применивме нова технологија, која ја развивме пред три-четири години и со која сега можеме да проучуваме околу 500 различни човечки болести. Таа технологија е на некој начин светско чудо, кое наскоро ќе биде применувано не само за пронаоѓање на лекот против рак на белите дробови, туку во мојата лабораторија проучуваме и лекови против карцином на панкреасот, простатата и ракот на дојка – рекол докторот.

Штагљар истакнал дека за таа технологија добил и награда од 3,25 милиони долари.

– Тие пари ми беа доволно за да ја развијам технологијата на такво ниво за да можеме да кажеме дека за неколку години ќе имаме готови лекови против многу видови карцином што ги спомнав – додал тој.

Туморите нема да ги победиме

Штагљар нагласил дека туморите нема никогаш да успееме да ги победиме.

„Туморите се болест на минатото, сегашноста и иднината. Можеби еден ден ќе ги разбереме на молекуларно ниво, но никогаш нема да ги победиме. Туморите се многу паметни, тие еволуираат. Кога ги третираме со одреден лек, стануваат резистентни. Секогаш мораме да бидеме подготвени да имаме баталјон нови лекови, кои ќе можеме да ги произведеме откако мутациите ќе се откријат кај пациентот. Суштината на целото истражување на туморите е во наредните 10-20 години да можеме да ги третираме како хронични болести.“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e