За Фејсбук ќе бидат поважни пријателите од фирмите

Она што ќе го пишуваат пријателите на Фејсбук ќе биде во прв план, а дури потоа доаѓаат постовите на фирмите и другите медиуми, информира шефот на Фејсбук, Марк Закерберг.

За да се постигне таа цел сукцесивно се менувани алгоритмите кои се одговорни за редоследот на вестите кои се појавуваат во централниот „News Feed“, соопшти првиот човек на Фејсбук, Марк Закерберг.

Најголемата светска онлајн-мрежа, со речиси 2,1 милијарди корисници со години, приоритет им даваше на информации кои ги поттикнуваат луѓето на коментари или на споделување на постот. Во последно време тоа најчесто беа видеата, кои стануваа сѐ поомилени кај корисниците.

Рекламите не се погодени од промените, нагласи вицепретседателот на Фејсбук, Џон Хегеман. Приходите од рекламите беа тие кои го однесоа Фејсбук во врвот на технолошките гиганти со годишен обрт од 36 милијарди долари.

„Ја менувам целта за нашите продукти-тимови: наместо да се концентрираат на тоа да ви помогнат да најдете релевантни содржини, треба да ви помогнат да остварите позначајни социјални врски“, напиша Закерберг на Фејсбук. Причина за промената, како што вели, е и резултатот од истражувањата дека контактите преку социјалните медиуми со луѓето кои му се важни на едно лице, се добри за неговото расположение и состојба. „Од друга страна, пасивното читање прилози или гледање видеа, колку и да се забавни и информативни, не е толку добро“, оценува Закерберг.

Фејсбук, заедно со други социјални мрежи како Снеп или Инстаграм, беше постојано мета на критики дека поттикнува зависност кај своите корисници. „Се чувствуваме одговорни да обезбедиме нашите услуги да носат не само забава, туку да бидат добри и за здравјето и благосостојбата“, потенцира Закерберг.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e