„Годините кога научив да летам“ на Евгениј Хоуп во рацете на читателите

„Одбив со себе да го понесам клучот од семејната куќа“, реков. „Немам потреба од таков спомен. Тоа би значело секојдневно потсетување на лажната припадност. Да беше онаа вистинската, немаше да трагам по островот, туку ќе си останев таму од каде што побегнав. Поточно, заминав.“ – извадок од „Годините кога научив да летам“.

Во четврток, 22.06.2017, во Клуб Матица на Булеварот на книгите беше промовирана новата книга на Евгениј Хоуп насловена „Годините кога научив да летам“. Книгата е симбол на неговите 30.000 изминати километри автостоп низ Европа. Секоја копија која беше достапна во Клуб Матица за време на промоцијата беше распродадена.

Посетителите покрај тоа што го зграбија овогодинешниот македонски хит на летото на Клуб Матица, се запознаа и со Евгениј. Тој им ги сподели авантурите од неговите патувања. „Уште пред да се впуштам во таков вид патување, постоеше некој повик кој цело време ме довикуваше да оставам сѐ и да се препуштам на тоа што извираше од мене. Сега после неколку години, кога ја издадов книгата сфатив дека ист таков повик постои и во мојата приказна. Целата книга претставува едно симболично претставување на искусвото, тоа е една лична приказна која најблиску може да го опише тоа нешто низ кое имам поминато“.

Инспириран од животот на авторот, книгата Годините кога научив да летам, ќе ве одведе подалеку од вашите очекувања, ќе ве нурне во светот на талкачи, трагачи и номади, ќе ве спроведе на себеспознавачки координати и ќе ви дошепне колку е важно да се следиме себеси.

Во книгата дваесет и петгодишниот Михаил се впушта во една животоменлива потрага, која започнува откако на едно од неговите автостоп патувања ја запознава глувонемата Алма Свенсон. На последниот ден од нивниот заеднички престој, девојката исчезнува, како никогаш и да не постоела. Барањето на нејзиното присуство завршува со наоѓање на едно книжуле со неколку скинати страници, посветено на некаков утопистички остров.

Сите во себе носиме свој талкач, трагач, номад, авантурист. Спознајте се себеси со „Годините кога научив да летам“ во сите продажни места на Матица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e