(ФОТО) Семејство од Тетово одгледува волци како домашни миленици

Во топлата соба Теодора, Петар и Васе си ги пишуваат домашните работи и се подготвуваат за училиште. Со нив, легната на креветот е и Тара, нивното домашно милениче.

Но Тара не е вобичаено домашно милениче. Таа е волчица стара осум месеци. Тара станува од креветот и оди прво кај Васе и бара тој да ѝ обрне внимание. На Петар му ги стави предните шепи на неговите рамења, па отрча кај Теодора бидејќи знее дека таа ќе ѝ го даде топчето со кое многу сака да игра. И вака е секој ден во изминативе неколку месеци во семејството Зафировски во Брвеница. Волчицата Тара е љубимец не само на децата туку и на татко им Гоце.

„Тара е дел од нашето семејство. Уште од првиот ден кога ја донесов сите ја засакавме. Знам дека е невообичаено волчица да биде домашно милениче, но Тара е толку умна и питома што не би ја менувале за ништо друго“, ни вели Гоце Зафировски од Брвеница, за миленицата што живее со неговите три деца (Фото: ЗАНДОН)

„Тара е дел од нашето семејство. Уште од првиот ден кога ја донесов сите ја засакавме. Знам дека е невообичаено волчица да биде домашно милениче, но Тара е толку умна и питома што не би ја менувале за ништо друго“, ни вели Гоце Зафировски кој работи во Македонски шуми, а воедно е и страсен ловец.

„Тара ја добив од мојот пријател од Тетово Фадил. Беше мала кога ја донесов дома. На почетокот домашните беа изненадени, но како минуваше времето толку се навикнавме на неа и ја засакавме, што веќе не можеме без нејзиното присуство. Таа до пред еден месец спиеше во нашата соба. Но почна многу да ни здодева бидејќи сакаше постојано да си игра, па сега спие во дворот, но преку ден е тука со нас во собата. Таа не варди подобро од било кое куче. Воопшто не е агресивна и досега никого не нападнала, ниту од нас домашните ниту некого од надвор. Но ако нема никого во куќата тогаш не е препорачливо да се влегува во нашиот двор, тогаш ја чува куќата како најдобар пес чувар.

“Во дворот се шета и трча насекаде, но не излегува надвор од капијата без моја дозвола.Тара е десет пати попаметна од било кое куче. Кога ќе и речем ‘не’ тоа значи ‘не’ и таа веднаш ја послушува мојата наредба. За ова многу придонесе добрата социјализација која ја доби уште кога беше мала. Тара не е тепана ниту малтретирана, не е држена постојано под ланец  и затоа сега со сите се однесува питомо и воопшто не е агресивна“, раскажува Гоце.

За Гоце здравјето на Тара е многу важно. Редовно ја носи на прегледи во ветеринарната клиника „Ветеринар ДК“ во Брвеница, каде Тара редовно се вакцинира, а има и свој пасош. Снегот е вистинско откритие за неа. Во состојба е по цел ден да трча и да се валка низ снегот. Воопшто не знае за студ. Најмногу сака да игра со малиот Петар.

“Ние трчаме, а таа оди по нас. Ќе ја пикне главата во снегот и мисли тогаш никој не ја гледа. Сака со сите да игра. Најмногу сака да ми ги стави нозете на моите рамење и  со јазикот да ме лиже по лицето“, низ смеа вели малиот Петар.

Гоце е голем љубител на невообичаени животни и ова не му е прво необично домашно милениче.  До неодамна дома чувал и диви свињи, а напролет сака да набави и срна, но кон Тара е посебно приврзан.

„Неодамна дојде еден човек кој разбрал дека имам волчица и ми нудеше 1.000 евра да му ја дадам. Сакаше да ја купи за борба со кучиња, а потоа и за парење со други агресивни раси кучиња. Веднаш му реков не. Не за илјада, не знам колку пари да ми даде Тара, не ја давам за такво нешто“, категоричен е Гоце.

На заминување, Тара не допрати до влезната порта но без дозвола од Гоце не се осмели да истрча на улица.

На периферијата од  Лешок, на една голема ливада оградена со дебела жица се наоѓа викендичката на Фадил Исмаили. Фадил долги години работел во Швајцарија, а од пред три години се вратил во Македонија. Но не дошол сам, со себе донел два волка.

„Ова се Алек, Лупо и Луна. Алек е нивниот татко. Мајката Маја пред некој месец ја отепаа некои несовесни луѓе. Овие волци живеат овде и ги сакам како свои деца“, вели тетовецот Фадил Исмаили.

Идејата да има волк како домашно милениче му се родила во Швајцарија но набавката не одела така лесно.

„Волците Алек и Маја ги купив во Милано. Ова се припитомени чехословачки волци. Во Чешка вакви волци се одгледуваат уште од 1952 година. Тие прво спариле куче волчјак со волчица, а потомците повторно ги спариле со дивите волци.  Во 1982, Чесите добиваат дозвола овие волци да можат да се чуваат како домашни миленичиња и да можат да се продаваат во Западна Европа.

Но таму правилата велат дека не можеш само да го купиш волкот, туку прво треба да поминеш три неделен курс за чување, за комуникација со нив и дресура. Всушност, курсот повеќе е наменет за да се оспособи човекот да ги разбере знаците кои волците ги даваат. Јас на таков курс бев во Швајцарија, кој дополнително се наплатува и кој воопшто не е ефтин. Тоа е неопходно зашто волците имаат поинаков карактер од кучињата.

Пред две години, со автомобил ги донесов во Македонија откако ги обезбедив сите потребни документи за транспорт. Минатата година, Алек и Маја го добија првото потомство, 4 мали волчиња – три женки и еден мажјак. Едната волчица му ја дадов на мојот пријател Гоце од Брвеница, а втората на еден друг мој пријател од Скопје. Овие три остануваат кај мене и не сакам да се разделам од нив“, вели Фадил.

Цената на еден ваков волк во Швајцарија се движи од 1.200 франци па нагоре, а Фадил вели дека може да достигне цена и до 5.000 франци, во зависност какво педигре има волкот и колку е издресиран. Алек, таткото, е доминантниот волк, па Лупо и Луна мора да го слушаат и почитуваат. Фадил им дава наредби на италијански јазик, бидејќи на тој јазик биле дресирани. Неверојатно изгледа како овие животни, од кои зрачи дивината, ги слушаат и извршуваат наредбите на Фадил. Кога тој си игра со нив, а посебно со големиот Алек, се добива се добива впечаток како тие да танцуваат со него.

“За волците сите зборуваат лошо и луѓето се плашат од нив мислејќи дека можат да ги нападнат, но не е така. Од моето досегашно искуство со нив, можам да кажам дека овие волци се многу попаметни од кучињата и многу поискрени. Со моите волци сум немал проблем, но со луѓето сум имал. Некои луѓе, а посебно деца од соседното село Слатина, знаат да дојдат и да ги задираат и иритираат волците. Тоа не е добро. Волкот има многу добро паметење и може после подолго време да го препознае човекот кој некогаш го вознемирувал“, зборува Фадил додека волците од рака му јадат од саламата што им ја донесе.

“Им готвам супа од коски, со макарони, леб, им додавам и заленчук. Јадат еднаш на ден и тоа им е доволно. Многу ретко им давам да јадат салама, но сега едноставно сакав малку да ги почестам. Преку годината по цел ден сум со нив. Сега во зима, бидејќи е многу ладно, ги посетувам секој ден и со нив сум по неколку часа. Но кога ќе морам да заминам дома, верувајте срцето ми се кине, толку многу ги сакам“, вели Фадил.

И додека Фадил со џипот заминува, Алек Лупо и Луна застанати до жичената ограда, со тажни погледи го следат возилото сѐ додека тоа не се изгуби од нивниот поглед.

“Ако на животното му подариш љубов, тоа ќе ти ти возврати со уште поголема љубов“, вели Фадил на заминување.

Извор: сдк.мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e