Рама: Србите ќе можат да влезат на Косово само како туристи

Албанскиот премиер Еди Рама, коментирајќи го скандалот со возот со српски православни мотиви кој требаше од Белград да патува до Косовска Митровица, изјавил дека не треба да постои загриженост поради политичките игри со „возовите и авионите“ и дека „Србите на Косово ќе можат влезат само како туристи“, пренесуваат косовските медиуми.

Според Рама, Косово по прогласувањето на независност успеало како „независна држава“, додека Белград и натаму пати од „кошмарите од минатото, кои ќе траат се додека Белград не го признае Косово“.

„Овие игри со возови и авиони се политичко маневрирање на политичките резултати“, заклучил Рама. „Рускиот“ воз, кој во саботата после 18 години тргна од Белград за Косовска Митровица беше сопрен во српската општина Рашка истиот ден, а вечерта беше приморан да се врати назад во Белград.

Српскиот премиер Александар Вучиќ преку викендот порача дека очигледно е оти Приштина, поради потезите кои ги преземала околу повторното отворање на железничката линија Белград – Косовска Митровица, сака да предизвика големи судири на западен Балкан.

Српскиот претседател Томислав Николиќ, пак, претходно порача дека секој следен обид на Приштина да предизвика судир ќе заврши лошо, односно дека Србија е подготвеа да прати вооружени сили на Косово доколку тамошното српско население биде загрозено.

Косовскиот претседател Хашим Тач порача дека „се надева оти Белград ја научил лекцијата“, додека косовскиот премиер Иса Мустафа навел дека „на Србите од Косово не им е потребна заштита од Белград, бидејќи нив ги штити Приштина“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e