По апсењето на Харадинај тензија помеѓу Белград и Приштина

Идната недела Србија од Франција ќе побара екстрадиција на Рамуш Харадинај додека неговиот адвокат очекува тој да биде ослободен наскоро. Истовремено Приштина се спрема да го прекине дијалогот со Белград.

Министерот за надворешни работи на Косово Енвер Хоџај синоќа изјави дека неговата земја веќе презела соодветни мерки против соседна Србија и тоа повторно ќе го стори во иднина, откако поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај беше уапсен во Франција по потерница издадена од Белград.

„Треба да има ревизија на нашите односи со Србија и ревизија на дијалогот“, изјави Хоџај.

Денес во Приштина се одржува специјална седница на Парламентот на која треба да се усвои декларација за смена на министерката за европски прашања Едита Тахири и прекинување на сите разговори со Белград за нормализација на односите кои се водат во Брисел со посредство на ЕУ.

Адвокатот на Харадинај на својот Фејсбук профил напиша дека судот во Франција во наредните денови ќе го разгледа барањето за ослободување:

«Одбраната смета дека сите правни аргументи се на страната на Харадинај и дека оваа незавидна ситуациј,а која беше непотребна, брзо ќе се заврши», напиша адвокатот Кочи.

Денес Србија најави дека на правосудните органи во Франција ќе им прати барање за екстрадиција на Харадинај, информираше српската национална телевизија РТС.

Харадинај беше уапсен во средата на барање на Србија од 2006 година заради сомневање дека во текот на 1998 и 1999 година бил еден од командантите на УЧК и сторил воени злосторства. Харадинај беше суден во Судот за екс Југославија во Хаг и во 2012 година беше ослободен од сите обвинувања.

Судот во Франција одлучи во четвртокот да го задржи Харадинај во притвор се додека Србија не го испрати барањето за екстрадиција.

Харадинај беше уапсен и во 2015 година во Словенија но по неколку дена беше пуштен.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e