Плевнелиев: Македонија треба да влезе во ЕУ, ама не и македонизмот

Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот, бидејќи е една идеологија која е не само антибугарска, туку е и антидемократска, изјави досегашниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, во неговото последно интервју како претседател, за Бугарската национална телевизија.

Плевнелиев зборуваше за тоа зошто не ја посетил Македонија додека беше претседател, за што се консултирал и со Министерството за надворешни работи и, според него, кој е проблемот во односите меѓу двете земји.

– Претходниот претседател на Бугарија (Георги Прванов) многу се гордееше со своите бескрајно многу средби и посети на Македонија. Но, за возврат уште од првиот ден имаше бескрајно многу провокации за Бугарија. Неверојатно „хулење“ деноноќно по македонските медиуми. Огромен број провокации по сите меѓународни институции и меѓународни конференции кон Бугарија. И да, јас ја сменив политиката на Бугарија кон Македонија и реков дека нема повеќе да биде „романтична“, туку ќе биде прагматична – рече Плевнелиев.

Тој рече дека на поранешниот еврокомесар за проширување Штефан Филе му кажал в лице дека ставот и извештајот за Македонија не му се реални и точни и дека има проблем.

– Го посочив проблемот. На почетокот ми беше многу тешко, сега е лесно. Сите ме прашуваат, се консултираат со мене. Претседателите на цела Европа знаат дека моите аргументи, што ги посочив уште тогаш, се покажаа точни. И ќе кажам нешто за тоа прашање што го мислам искрено и сакам сегашниот министер за надворешни работи и претседателот Радев да ме разберат правилно. Да, Македонија треба да влезе во Европската Унија и тоа е кауза и за Бугарија, но не и македонизмот. Македонизмот е една идеологија која е не само антибугарска, туку е и антидемократска. Тоа е една идеологија на тотални манипулации со историјата. Тоа е една идеологија која создава напнатост, тензии меѓу идните поколенија. И ако ме прашате зошто се навраќам на тој конфликт, веднаш ќе ви одговорам. Зашто искрено мислам моите деца и децата на нашите браќа од другата страна, во Скопје, да бидат браќа, да бидат пријатели и да има мир, ама манипулираната историја не работи за тоа да бидат браќа и да има мир. Заматената историја во која Бугарија е фашист не работи за тоа – рече Плевнелиев.

Тој смета дека постигнал многу во насока на посочување на вистината за македонизмот, која, како што рече, сите ја знаат и на сите им е јасно.

– На претседателот на Македонија Ѓорге Иванов му испратив прашање уште во првите седмици, зошто мојот крај, Пиринскиот крај, е на вашата триумфална порта. Што ми кажувате со тоа? Дека е водена војна за која јас не знам, дека имало или допрва ќе има. Проблемите ги посочувам затоа што искрено сакам мир – рече Плевнелиев за Бугарската телевизија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e