Нови сомнежи против Трамп

Американскиот претседател е повторно „во тесно“. Овојпат поради писмо кое, според американскиот печат, веројатно ги открива вистинските причини за отпуштањето на шефот на ФБИ, Џејмс Коми, пишува Дојче веле.

Зошто Џејмс Коми мораше да си замине од шефовската позиција во ФБИ? На 9 мај тој беше изненадувачки отпуштен од претседателот Доналд Трамп. Оттугаш во воздух виси и обвинувањето дека Трамп сакал да влијае врз истрагите на американската сојузна полиција. ФБИ, имено, ги истражуваше врските на тимот на Трамп со Русија.

Во меѓувреме, со случајот се зафати американскиот специјален иследник Роберт Милер. А, нему, како што пишува „Вашингтон пост“ му е дадено најверојатно неиспратено писмо кое не фрла добро светло врз претседателот Трамп. Во него наводно е прикажано детално зошто Трамп сакал да се ослободи од Коми.

„Вашингтон пост“ притоа се повикува на извори кои се блиски до истрагата. Во писмото, како што се вели, се наброени повеќе поплаки на Трамп на сметка на Коми, меѓу кои и обвинението дека шефот на ФБИ не сакал јавно да каже дека во аферата со Русија не се води истрага против Трамп. Нешто, во што Коми наводно повеќепати го уверувал Трамп, но зад затворени врати.

Отказ по препорака на Министерството за правда

Соузната полиција истражува дали во евентуалното руско влијаење врз претседателските избори во САД имало договори меѓу изборниот тим на Трамп и владата во Москва. По отпуштањето на Коми, Министерството за правда го назначи Роберт Милер за специјален иследник кој ќе раководи со истрагата.

Во мај официјално беше речено дека Трамп при отказот на Коми ја следел препораката на Министертството за правда. Белата куќа притоа објави писмо на заменикот министер за правда Род Розенштајн, во кое се препорачува отпуштање на Коми поради постапките на сојузната полиција при разјаснувањето на имејл-аферата со Хилари Клинтон.

Отказ преку „вонредна вест“

Подоцна Трамп во телевизиско интервју меѓутоа призна дека при отказот ја имал предвид и истрагата за Русија. Досега не беше познато дека постои неиспратено писмо кое тоа го потврдува.

„Вашингтон пост“ пишува дека писмото го составил претседателот Трамп заедно со својот советник Стивен Милер. Според весникот, Трамп на Милер му ги изнесол работите кои треба да стојат во писмото, по што тој го составил текстот. Но, како што се вели, правниот советник на Белата куќа, Дон Мекген, имал дилеми во врска со писмото. „Њујорк Тајмс“ пишува дека Мекген спречил испраќање на оригиналното писмо.

За својот отказ Коми во мај дозна од телевизијата. За време на говор пред вработените на ФБИ во Лос Анџелес, на телевизиските екрани во просторијата почна да стигнува вонредна вест за тоа дека добил отказ од Трамп.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e