Николиќ: Испраќањето војска на Косово е заклучок на Советот за национална безбедност

Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, ги отфрли обвинувањата дека „ѕвечка со оружје“ и додаде дека неговата изјава за испраќање војска на Косово е заклучок на Советот за национална безбедност.

– Ние не ѕвечкаме со оружје туку на тоа предупредивме доколку биде загрозен српскиот народ на Косово и Метохија. Србија ќе ги одбрани Србите. И тука постои согласност помеѓу владата и претседателот. А тоа што реков дека ќе испратиме војска, всушност е дел од заклучоците на Советот за национална безбедност. И, да, реков дека ако треба, и јас ќе одам во војна, па и моите синови – изјави Николиќ.

Српскиот претседател за време на викендот, по повод запирањето на возот од Белград за Косовска Митровица поради безбедносни закани, изјави дека Србија ќе испрати војска на Косово ако се убиваат Срби, што беше остро критикувано од опозициските партии и од официјални лица од Европска Унија.

Николиќ рече дека ЕУ не требало да реагира на неговата изјава туку требало да реагира на „минираната пруга“ и кога не било дозволено да помине српскиот воз на Косово.

– Ако европскиот комесар Јоханес Хан вели дека јас не гледам во иднината и дека иднината на Србија е независно Косово, тогаш немаме за што да разговараме. Тогаш тој е измама на сите времиња. И тоа што го прави ЕУ е измама – рече Николиќ.

Претседателот на Србија рече дека ова не го говори поради изборната кампања туку затоа што се грижи за животите на Србите на Косово.

– Ако нападнат Срби и почнат егзодус и убивање, тогаш Србија треба да молчи? Јас на таква Србија не би бил претседател – додаде Николиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e