Хашкиот трибунал издаде налог за апсење на тројца функционари на партијата на Шешељ

Хашкиот трибунал утрово соопшти дека на негово барање Интерпол распишал црвени потерници со кои се бара пронаоѓање и апсење на функционерите на Српската радикална странка, Петар Јојиќ, Вјерица Радета и Стево Остојиќ.

Трибуналот ги товари тројцата функционери дека влијаеле на сведоци во процесот против нивниот партиски шеф, Воислав Шешељ. Тие, според Хашкиот трибунал, со закани, уцени и со поткуп ги наговарале сведоците да ги променат исказите или да не сведочат.

Потпретседателот на српската влада, Расим Љаиќ, денеска изјавил дека владата нема да му ги испорача на Хашкиот трибунал тројцата членови на Српската радикална странка бидејќи по минатогодишната одлука на Вишиот суд за тоа не постојат услови.

Вишиот суд во Белград минатата година донесе одлука дека нема законски основи за апсење и за испорачување на тројцата радикали, затоа што националиот закон за соработка со Хашкиот трибунал предвидува испорачување само на обвинети за воени злосторства, но не и за непочитување на судот.

Во денешното соопштение од Хаг се наведува и дека претседателот на трибуналот, Кармел Агиус, ја пријавил Србија во Советот за безбедност на Обединетите нации за непочитување на налогот за апсење.

Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e