Грција го искара посредникот: Нимиц не е надлежен да зборува за политиката на Атина

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас го искритикува посредникот во преговорите за името, Метју Нимиц, дека за време на посетата на Скопје зборувал за политиката на Атина, а тоа не било во негова надлежност.

„Имав долг разговор со специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц, кој се врати од Скопје. Јасно и строго му нагласив дека не е во негова надлежност да зборува која е политиката на Атина, а уште помалку, да ја опишува некоректно”, пишува во изјавата на Коѕијас, објавена на сајтот на грчкото Министерство за надворешни работи.

Коѕијас додава дека, според информациите што ги добил за разговорите на Нимиц во Скопје, јасно ставил до знаење дека преговорите може да се водат единствено врз база на она што е договорено во Давос.

Нимиц на прес-конференцијата во Скопје во однос на прашањето за идентитетот рече:
„Бидејќи го покренавте прашањето за идентитетот, не сум чул ништо од грчката страна што би значело порекнување на идентитетот на народот тука, и верувам дека можното решение е конзистентно со зачувувањето па дури и јакнењето на идентитетот. Јас сум многу оптимист. Во овој контекст има разлики во ставовите меѓу двете земји, но во Атина не сум чул порекнување, негирање на идентитетот“, изјави тој, одговарајќи на новинарско прашање.

Грчкиот шеф на дипломатијата ги поздрави изјавите на вселенскиот патријарх Вартоломеј кој повика на воздржаност и мудрост, како и на одговорност од страна на Црквата, со цел ова чувствително прашање за името да се реши мирно и мудро.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ