Го опишал својот живот под ИСИС: “Па тие тука ги убиваат сите”

Ахмед во јуни 2014. година бил студент по инженеринг во Мосул. Тогаш во градот влегла Исламската држава. По две години, Ахмед успеал да побегне, а неколку седмици пред бегството водел дневник…

Кога Исламската држава во јуни 2014. година го освоила Мосул во Ирак, Ахмед бил студент по инженеринг. Од тогаш сè се променило. Факултетот е затворен, а животот му станал секојдневна борба за опстанок. Ова лето, две години подоцна, Ахмед успеал да побегне, а неколку седмици пред бегството, изложувајќи се на голема опасност, во тајност водел дневник за животот под контрола на екстремистите на ИСИС. BBCексклузивно објавила делови од неговиот дневник.

Понеделник: Ги убиваат сите

Денес запознав шверцер. Се надевам дека во наредните неколку денови ќе побегнам. Малку се плашам, бидејќи патот не е 100 проценти безбеден. Доколку налетаме на припадници на ИСИС ќе бидеме во големи проблеми. Но, имаме луѓе кои ќе ни дадат знак кога патот ќе биде безбеден. Посакај ми среќа!

Животот под ИСИС не е воопшто добар. Мажите не смеат да се бричат. Не смееме да пушиме, а жените мора да носат никаб и да ги покриваат рацете. Покрај тоа, ни забранија интернет дома и телефонирање.

Не ни даваат да гледаме телевизија, а тврдат дека тоа е затоа што повеќето сателитски канали се против муслиманите. Сите знаат дека всушност сакаат да ги сокријат загубите. Оние кои ќе ги прекршат правилата добиваат ќотек, или одат во затвор. Мора да платиш за да излезеш од затвор.

Кога во 2014. година ИСИС ја презема контролата над Мосул, никој не знаеше кои се тие. Мислевме дека се племенски борци кои пружаат отпор поради патењето кое го предизвика ирачката војска. Тогаш прогласија калифат и почнаа да ни наметнуваат строги закони и незадоволството почна да се шири.

Денес сите знаат кои се тие. Имаат само лични интереси. Го убиваат секој што се противи на нивните идеи. Ги уништија историските спомени во градот. Народот ги отфрли и чека да ги ослободи ирачката војска.

Вторник: “Луѓето немаат пари. Нема работа, нема плата”

Мојот пријател утрово отишол во продавница и видел како џихадистите убиваат три лица бидејќи разговарале за нивните загуби во судирите. Таквите вести се навистина шокантни. Одземаат човечки животи од тривијални причини. Ги извртуваат Божјите зборови за сопствен интерес.

Претходно со пријателите излегував во кафулиња, игравме фудбал и учевме заедно. Сега повеќето места каде излегувавме се затворени. Кога ќе излезам, се обидувам да бидам внимателен и да не се оддалечувам премногу, не одам на јавни места бидејќи таму не е безбедно.

Денес мајка ми ни направи прекрасни колачи. Понекогаш купуваме состојки на пазарот, но многу се скапи. Луѓето тука живеат од локалните производи кои самите ги произведуваат. Прилично лесно доаѓаме до зеленчук, но тешко е да се најде брашно, шеќер и ориз, бидејќи се многу скапи. Луѓето немаат работа. Нема работа, нема плата.

Среда: Запленуваат куќи и им ги даваат на своите борци

Денес почувствував колку ми недостасува факултетот. Таму ќе се гледав со пријатели. Кога дојде ИСИС, сè се промени. Тоа е сега место на кое нивните лидери имаат состаноци. Лабораториите ги користат за производство и чување на бомби. Како последица на тоа коалициските сили ги бомбардираа сите главни згради и од факултетот сега останаа само урнатини.

ИСИС ги заплени домовите на сопствениците кои си заминаа. Им ги дадоа на своите борци. Го злоупотребуваат присуството на цивилите за коалиционите авиони да не ги гаѓаат.

Коалиционите сили бомбардираа многу куќи откако во нив се вселија борци на ИСИС. Луѓето поради тоа се загрижени и очајни. ИСИС не се грижи за народот. Напротив, тие посакуваат воздушни напади за да ги придобијат луѓето да кренат против коалицијата. Но народот го знае тоа.

Четврток: Не се чувствувам безбедно ниту дома

Милитантите одат од куќа до куќа и ги претресуваат во потрага по мобилни телефони. Сакаат да дознаат кој комуницира со коалициските сили. Уапсија еден човек бидејќи кај него пронајдоа мобилен.

Ги преземав сите мерки за да го сокријам телефонот на тајно место. Повеќе не се чувствувам безбедно ни дома. Доколку ти најдат мобилен во џебот, ти си мртов човек. Доколку носиш мобилен во џебот, се чувствуваш како да имаш нуклеарно оружје.

Петок: Повеќе не можам да издржам

Денес бев во џамија. ИСИС се обидува да регрутира луѓе, но никој не е заинтересиран. Денес бев во дилема. Да останам тука и да ги чекам ирачките сили, или да ризикувам и да побегнам?

Сакам да побегнам, но нема да ми биде многу подобро, бидејќи ирачките сили ќе ме ставаат во камп. А никој не смее да го напушти кампот, освен ако нема спонзор – Курдите или некој од владата.

Ситуацијата сега е навистина тензична. Се надевам дека во наредните неколку дена ќе бидам безбеден и ќе побегнам од ИСИС. Повеќе не можам да издржам.

Ознаки:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e