ЕУ пред нова визија со стари слабости

Шефовите на држави или влади на 27 земји членки на ЕУ на неформалниот состанок во Братислава се под притисок да постават нова визија за Унијата по излезот на Британија. Имено, ова е прв самит на ЕУ во изминативе 43 години, на кој Британија, третата по големина земја членка на Унијата, не учествува. – рече Гоце Атанасов за Радио Слободна Европа.

Зашеметени од одлуката на Британија да ја напушти Европската унија, лидерите на другите земји се обидуваат да внесат динамика во нивниот ослабен заеднички проект и тоа во услови на длабоко вкоренети поделби во однос на миграцијата и економската политика.

Со референдумот во Британија во јуни годинава заврши неколку децениското проширување на Европската унија и нејзиното подлабоко интегрирање.

Долго време гледана како гарант на мирот и просперитетот, Европската унија сега се обидува да ги убеди своите граѓани дека останува на сила и натаму.

Изминативе години на економска и финансиска криза ја зголемија невработеноста во многу земји членки, а серијата напади на исламските милитанти и рекордниот прилив на бегалци од Блискиот Исток и Африка ги вознемири гласачите кои се повеќе се вртат кон популистички и евроскептични партии.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск оцени дека јунскиот референдум на кој британците гласаа за излегување од Европската унија покажа оти евроскептичнте популисти можат да го повлечат и преостанатиот дел на Унијата, доколкувладите не успеат да застанат заедно и да ги покажат нивните придобивки за важните прашања.

„Јас сум апсолутно сигурен дека ние треба да ги увериме нашите граѓани тука во Братислава, а исто така по нашата средба, дека ја научивме лекцијата од Брегзитот и оти сме во состојба да ги вратиме стабилноста и чувството на сигурност и ефикасна заштита“.

Доналд Туск истакнува три приоритети кои Европската унија треба да ги постигне доколку сака да има безбедна иднина.

Тоа се обезбедување на надворешните граници на Европската унија, борбата против заканата од тероризмот во Европа и пошроко, како и контрола на глобализацијата, односно изнаоѓање начин за заштита на економските и социјалните интереси на граѓаните на Европската унија која останува отворена кон светот.

Со други зборови Унијата и натаму во фокусот ќе го имаизнаоѓањето заедничка основа за мигрантската криза и безбедносните прашања.

Сепак, според посматарачите, во Европската унија и во претстојниот период ќе бидат видливи сериозните разлики меѓу членките во врска со најголемите проблеми, особено со справувањето со приливот мигранти.

Токму затоа германскиот канцелар Ангела Меркел постојано инсистира дека од суштинско значење е Европската унија да покаже оти е способна да ги надмине нејзините слабости.

Во спротивно, како што изјави претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер Европската унија и натаму ќе биде во „егзистенцијална криза“.

Извор: Радио Слободна Европа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e