Дутерте и нареди на војската: Ако станам диктатор убијте ме

Филипинскиот лидер Родриго Дутерте им нареди на спроведувачите на законот да го застрелаат ако некогаш добие диктаторски амбиции и ако остане на власт подолго отколку што дозволува уставот.

„Ако останам предолго и посакам да станам диктатор, застрелајте ме, не се шегувам“, им рече претседателот денеска на војниците. „Ако си го продолжам мандатот дури и за само еден ден, сега ги повикувам вооружените сили на Филипините и националната полиција во Филипините да не ми дозволат мене или на некој друг да се плетка со уставот“, предупреди Дутерте.

„Свечена должност“ на војската и на полицијата е да го бранат уставот, кој предвидува само еден единствен шестгодишен претседателски мандат.

„Вашата работа е да го заштитите уставот и да го заштитите народот“, рече Дутерте пред војниците. Претседателот рече дека на војниците дури им е дозволено и да ја употребат целата своја муниција за да го соборат, доколку е потребно, објави Раплер.

Неговиот мандат истекува во 2022, па Дутерте ги негираше шпекулациите дека сакал да го измени уставот со цел да си обезбеди подолго претседателство. „Не плашете се од диктатура. Тоа не ми е целта. Не го барам и не го сакам тоа“, рече Дутерте во ноември, откако ги повика пратениците да ги намалат овластувањата на владините претставници.

За да докаже дека нема да му биде тешко да се откаже од функцијата, Дутерте претходно вети дека ќе поднесе оставка под различни услови, вклучувајќи и ако неговите деца се вмешаат во корупција или ако организациите за човекови права најдат докази за убиства што ги дозволила државата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ