Британски пратеници бараат засилени воени патроли низ Ламанш

Британските пратеници побараа бродови на Кралската воена морнарица да патролираат низ каналот Ламаш, за да ја штитат територијата на Велика Британија од терористи и шверцери на мигранти.

Во извештај на парламентарната Комисија за внатрешни работи, се објаснува дека таа побарала дополнителни патроли на Воената морнарица, затоа што сегашните бродови на крајбрежната стража и на пограничните власти се „недоволно ефикасни во заштитата на Британија од актуелната бегалска криза во Европа“.

Предупредувањето од пратениците доаѓа откако оваа Комисија на Парламентот во Лондон сугерираше на британските фериботи кои минуваат низ Ламаш, поврзувајќи ја Велика Британија со Европа, да има и вооружени „поморски маршали“, по примерот на авионите на некои светски авиокомпании или пак тие да бидат придружувани од воени бродови за спречување на терористички напади.

Лондонски „Дејли Телеграф“ тврди дека британски и француски министри веќе преговараат за „екипирање“ на фериботите со маршали, затоа што е оценто дека големите бродови, кои превезуваат луѓе и возила меѓу двете страни на Каналот, се „слабата нишка“ во борбата со тероризмот на џихадистите.

Безбедносни експерти во Велика Британија објаснуваат дека заштитата на Ламанш е главниот фронт за обезбедување на британските граници од можен терористички напад, како и од наплив на шверцерски бродови со мигранти.

Шверцерите на луѓе заработуваат и по 100 илјади фунти од еден шверцерски брод со мигранти или бегалци, при нивното илегално префрлање до некои од слабо заштитените пристаништа на британска територија.

Велика Британија има брег долг безмалку 12 илјади километри, што треба постојано да биде заштитуван.

Парламентарците сметаат дека тоа не може да се направи без учество на Воената морнарица, затоа што се стравува оти терористите би можеле да ја искористат бегалската криза за да се инфилтрираат во европските држави, па и во Велика Британија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e