И животот чека свој термин

Изморени сме и не сакаме нашиот термин, за нашиов живот да го минеме чекајќи во долг ред, за на крајот да не вратат за некој друг термин и за некој друг живот.

Пишува Синоличка Трпкова

Здравството ни е пред умирање, па и покрај “нашиот термин” се зајмуваме или земаме кредити за лекување во приватни болници, иако цел живот сме двоеле за здравствено осигурување. Најголем дел од лековите ги купуваме сами. На медиумите и социјалните мрежи нѐ бомбардираат секојдневни апели за помош на сиромашни и болни граѓани, деца, семејства исклучени од струја, луѓе заробени во долгови на чиишто врати тропаат извршители. За сето тоа време љубопитно гледаме и слушаме за ретките, чесни милионери, богати и успешни бизнисмени, коишто „макотрпно” си го заработувале богатството во транзицијата. А пратениците земаат надомест за патни трошоци небаре секојдневно летаат до месечината и назад. Можеби дури е и подобро што „одмараа” две недели за празнициве. Состојбата ни е – што би рекле Холанѓаните – „смртта на еден е леб за друг”!

Заборавени и отфрлени

Нема ден да не видам или пак да не чујам приказни за луѓе заборавени и отфрлени, што едвај егзистираат на маргините на општеството. Вртиме телефони за донации, некои директно уплатуваат помош на жиро-сметки. Често дури и граѓаните се самоорганизираат и собираат храна, облека, лекови и други работи за овие луѓе заборавени од системот, од општеството. Ќе речете – па секаде има такви луѓе, дури и во развиените држави. Разликата е во тоа што кај нас тие станаа секојдневие, ги има многу, а таму се веројатно во многу помал процент, а и за нив системот и социјалната грижа сеуште функционира. Ние дури не нѝ имаме претстава колку луѓе овде се соочуваат секојдневно со нерешливи и мачни проблеми. Додека размислуваме каде ќе ги минеме празниците, тие размислуваат како да преживеат до утрешниот ден. Дали ќе имаат доволно храна, лекови, дали ќе им студи, дали ќе успеат да ги нахранат барем децата? Во земја со едвај два милиони жители, каде што, горе-долу, сите се знаеме!?

Koга ќе дојдам во контакт со овие луѓе, ќе чујам за нивните маки, скоро секогаш се чувствувам непријатно, зашто можам само да слушам, но не и да најдам решение. Иако сум се обидувала да им помогнам, скоро никогаш тоа не ми успевало. Не верувам во Бога, но навистина понекогаш помислувам дека судбината (одредена можеби од него) си поиграла со нив. Голем дел од нив не по своја вина се нашле во безизлезна ситуација. Биле здрави, работеле, функционирале како дел од општеството, придонесувале за него, имале пријатели, дружба, живот. Одеднаш, кога се разболеле и го изгубиле здравјето – ја изгубиле и работа, ги изгубиле и пријателите и животот. Овие несреќни души останале да зависат од милостината, великодушноста и добрината на индивидуалци, роднини, пријатели, или случајни добротвори. Зошто овие луѓе што изгубиле сѐ и на кои им е повеќе од потребна помош од општеството, од системот, се оставени сами на себе и се принудени да молат за помош?

Туѓата несреќа

За овие луѓе, заборавени од општеството треба да се зборува, да се споделуваат нивните приказни, да им се влегува во темните собички и трошни куќарки, да се дава публицитет, за да се сензибилизира и мобилизира јавноста. И да, сите сакаме некаков среќен крај, да излезе на сцена некој добротвор-спасител. Но дали тоа навистина ќе ја врати нивната изгубена надеж во нас колективно, како организирано општество. Ќе речете – треба гласно да се говори за ова, да се повикуваат упорно надлежните да интервенираат, да си ја вршат работата, да не забораваат дека се платени да се грижат за овие лица. Но дали само така мора да функционира една држава, што има желба да стане европска? Зошто секогаш мора да се сликаат несреќите од близу, со солзите, со чемерот и јадот закотвени во полутемните одаи, за сите заедно да ја споделуваме вината и срамот за нивната несреќа? За потем да се гордееме со помагачите што ќе ги сликаме и фалиме, истакнувајќи ја нивната добрина и дарежливост? За да стигнеме конечно до моментот на колективното олеснување и спасение преку промоција на милостивоста на поединици…или „ете имало Господ” решение, што станува наше сѐ поприсутно секојдневие!

Дали некогаш сте помислиле дека тие луѓе освен што се мачат да преживеат, имаат и достоинство (за разлика од оние одговорните за нив)? Зарем тие мораат секогаш да ни ја покажуваат „голотијата” на нивната беспомошност, за нешто навистина да се смени? За жал, нам, како на општество, изгледа сеуште нѝ е неопходно вакво „покажување” за да се сменат работите. Дури и кога ќе се интервенира – за јавност и за пред камери – ќе мора да продолжиме да следиме будно, сѐ додека не се најде постојано решение. Зашто кога ќе се изгаснат камерите и кога светлината и фокусот на јавноста ќе се насочат другаде, постои опасност овие луѓе повторно да бидат заборавени и оставени сами на себе. Зашто без колективна, општествена и системска грижа и одговорност кон нив – нам секогаш и постојано ќе ни се случуваат „случаи”. Треба да разбереме дека тоа е работа на државата, на органите на социјална заштита, а не само на добри и милостиви поединци. Не ни се потребни камери, интервјуа, написи, солзи, барабани и дарежливи луѓе за да се увериме дека нѝ станува подобро. Наместо тоа, секое влегување во аптека, болница, шалтер, паркинг, продавница, самопослуга, па дури и најобичното движење по улица, пеш, со велосипед или автомобил треба да ни биде доказ дека животот навистина е дојден (или барем доаѓа) во нашава држава – за сите! Изморени сме и не сакаме нашиот термин, за нашиов живот да го минеме чекајќи во долг ред, за на крајот да не вратат за некој друг термин и за некој друг живот.

Извор: Дојче веле

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e