За што се боревме?

Македонија безмалку триесет години живее во истиот филм – турни ме да кинисам… Се тетерави „две напред-едно назад“, ѓоа оди по жица над амбис – ги батали старите, а не изгради нови, општоприфатени вредности – секојдневно осиромашува на материјален и на духовен план, додека градовите без млади луѓе им го преземаат „приматот“ на цел век опустените села, и зацапана во својата и во туѓата историја, нема храброст да пресече и едноставно, не може да го направи изборот на џадето кон иднината…

Денеска прочитав дека професорка, колумнистка, по три-четири години најавува оти престанува со пишувањето колумни, го затвора профилот на Фејсбук и разочарано констатира дека и по сè што се случи во Македонија, сè уште добива „скришно-охрабрувачки коментари со она неизбежно ‘оправдување’: јас не смеам да ставам лајк или да коментирам затоа што треба да се вработам, треба син ми да се вработи, чекам унапредување, чекам астероид да ја пукне Земјава…“.

Синдромот „ведни глава“ и „ќути-трај, ќе биде полошо“, така, уби уште една поединечна надеж. Дека конечно ќе ни тргне на поарно. Шаренилото кое толку ни ги грееше срцата и душите, како да избледува, а од палетата, како повторно да избива на површина само (по) една боја. И покрај многуте можности за „мулти“, пак се ѕидаат етнички трла… Игор Национале некогаш одамна пееше/предвидуваше: „Нема спас од политичари/ Нема спас од исти комичари/ Ни вас, ни нас/ ни нема спас…“.

Пред три децении, една група од 5-6 аздисани пилиштари во новинарството, израснати ем во извидничките логори, феријалните одморалишта и населбите на работните акции, ем на градилиштата и на овоштарниците во Грција, на кои не им се чекаше да дипломираат за да се преселат во неразбрануваната атмосфера на НИП „Нова Македонија“ или на МРТВ, се собра во младинскиот весник „Млад Борец“. Барајќи и други нијанси, други бои, освен црвената, групата почна да бара одговори. За црните петна и за белите дамки во историјата на независна Македонија (онаа од 1945-та) и за ретушираните црно-бели фотографии од кои, во борбата за власт, исчезнувале дел од комунистичките првенци, за човековите слободи и права и за цивилното општество, за иднината на Југославија…

На крајот на осумдесеттите години, самите новинари, на импровизирани тезги (масички, гајби и картонски кутии) го распродававме магазинот што го правевме и го допечатувавме и се фалевме со копираните примероци, скришум делени меѓу вработените во државните институции… Оти, верувавме дека правиме нешто вредно! Бевме горди! Додека малку од малку, не се свестивме… Дека покрај оние кои нè удираа по рамо и некритички нè прогласија и за револуционери и за дел од некаква „македонска пролет“, таму беа и оние кои нè искористија, оние вештите играчи и балансери, при нивните неверојатни трансформации од полит-комесари во демократи или од самоуправни директори во новопечени тајкуни…

Едвај година-две, откако ние од „пролетта“ си заминавме, секој на своја страна, нè поканија заедно со постарите колеги од претходните генерации, поранешни уредници, во свечениот број по повод 50-годишнината на „Млад Борец“, да напишеме по една колумна, со заеднички наднаслов „За што се боревме?“.

Правејќи си некои рекапитулации, всушност, средувајќи го орманот дома колку да се најдам во работа, неодамна, го пронајдов примерокот на свечениот број. Читав и не знаев дали да се смеам или да плачам. Тогашната резигнација, сега е само подлабока… Навистина ли сè беше бадијала? За што изарчивме во Македонија три децении? За лет во место?

За што се боревме? Во тој март 1994, одговорив и колумната ја насловив „Бадијала“ и пишував за што НЕ се боревме и за она за што мислевме дека се бориме… Резигнирано до балчак. (Еден постар колега, тогаш напиша дека е вџашувачки што на целата таа генерација, за само пет-шест години дотолку ѝ се срчосале идеалите. Зашто, насловите на колумните на „пролетните“ новинари во свечениот број на „МБ“, односно „одговорите“ на наднасловот „За што се боревме?“, покрај „Бадијала“, беа, на пример, и: „Чисти сметки, господа!“,„Зошто се лизнавме на кора од банана?„, „Кока-Кола демократија“, „Има ли муза нашата кауза“…).

Многу вода протече оттогаш низ Вардар, кој каков-таков, и без кораби, врби и панорамски тркала, низ годините си ја красеше Македонија… Одамна не сум веќе ни млад, ни не знам каков борец (иако сакам да верувам дека сè уште го почитувам и како кредо го имам слоганот на некогашниот „МБ“, посветен на сите власти – „Ве имаме на нишан!“), а променив и едно чудо редакции во кои еланот и разочарувањето се сменуваа, според случувањата на медиумската и политичката сцена… Но, откако средношколците и студентите нè разбудија, и мене, и илјадниците луѓе од мојата и од другите генерации, кои за жал, претходно дозволија ојлевци-дојлевци да решаваат за судбината на нивната држава и за иднината на нивните деца, ѝ се вратив со нов елан на идејата за Шарена Македонија. Мојата Македонија. И пак, бев горд. Остарен, ама горд…

Само, последниве месеци, сè почесто ме фаќа страв. Знам дека слободата нема да знае да запее, ако робовите кои ѝ пееја, сега молчат и ѕенѕаат во место, колку да се фатени во орото… Има ли спас? И за Вас и за Нас? Искрено не знам, каков одговор/наслов денес би ставил на колумната, со наднаслов „За што се боревме?“… Белки не беше повторно сè – бадијала?

Синиша Станковиќ

Извор: Цивил Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e