За кого работи Мицкоски?

Пред локалните избори имав интересно интервју со лидерот на реформистите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Михајловски, кој во разговорот многу отворено и дури и храбро зборуваше за потребата за реформирање на неговата партија како европска демохристијанска партија. Михајловски тогаш беше многу критичен кон поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кого го обвини за уништување на внатрешната демократија во партијата, како и за погрешните политики како премиер, кои придонесоа партијата да замине во опозиција. Посебно критичен, тој беше кон националистичката реторика на Груевски кон Албанците како и неговата кавгаџиска политика со евро-американскиот фактор.

Но, Михајловски кажа и еден многу интересен факт, кој вреди да се истакне сега – дека ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното формирање никогаш нема добиено избори врз основа на антиалбанска реторика, сакајќи да ме убеди дека македонскиот гласач од десничарска ориентација не поддржува таква националистичка политика. И тоа е навистина така, во два наврати кога ВМРО-ДПМНЕ беше во позиција да формира влада, во 1998 и 2006 година, нивната кампања на тие избори не беше набиена со националистичка реторика.

Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ шиерела хистерија кај македонската јавност од наводната албанска наезда и наводниот заговор од западните земји, била далеку од власта, изолирана како опозиција на маргините на политичкиот живот. Со таквата неразумна политика на десничарите профитираа само поранешните комунисти, на кои не им беше тешко пред меѓународниот фактор ДПМНЕ да го претстават како деструктивен фактор.

Во 1991 година Љубчо Георгиевски ја испушти историската шанса да формира влада со ПДП и да направи дисконтинуитет со социјалистичкиот режим во Македонија. Со тоа многу побрзо земјата ќе се демократизираше и интегрираше во Европската унија и НАТО, стремежи кои од првите денови ДПМНЕ јавно ги промовираше.

ВМРО-ДПМНЕ остана со прст в уста и по декемвриските избори во 2016 година кога не успеа да формира влада со ДУИ. Овој пат албанската партија беше таа која ја одби понудата на Груевски да формираат коалициона влада, но резултатот е ист. ВМРО-ДПМНЕ замина во опозиција. Го плати цехот за лошото владеење со земјата кое сакаа невешто да го покријат префрлувајќи ја вината врз предавниците од СДСМ, дежурниот непријател , Албанците и секако на странскиот фактор, кој нема друга попаметна работа освен да крои заговори против Македонија.

Ако е точно дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ подгрева антиалбанска реторика завршува во опозиција, тогаш како мисли Христијан Мицковски да ја врати партијата на власт со поднесување нa над 35 илјади амандмани против законот за јазиците?! Не покажа никаков интерес за законите што треба наводно да ја зајакнат цивилната контрола над тајните служби, без која на опозицијата ќе и биде многу тешко реално да се соземе и да се подготви за опозициско делување.

Тогаш за кого работи Мицковски, ако не за ВМРО-ДПМНЕ и за доброто на Македонија?

Има еден и единствен одговор. За заробената држава, која преку уцени сака да ја инструментализира опозициската ВМРО-ДПМНЕ, против реформите во земјата и можноста да се затвори спорот за името со Грција, кое ќе го отвори патот за членство во НАТО.

Заробената држава, има свои пипци секаде во битните институции во земјата, како и во политичкиот естаблишмент. Се покажува дека ВМРО-ДПМНЕ е силно уценета од неа поради багажот што врните луѓе на партија го влечат од претходното владеење, подобро речено дивеење. Очигледно дека системот што го одржа на власт Груевски 11 години, има таква понуда за бившите и сегашни партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ што не може да се одбие. Амнестија! Да не се лежи за злоупотребите и криминалот, за кои сведочат прислушуваните разговори. Ако не за сите, за најголем дел од нив.

За возврат треба да глумат лудило во опозиција, да ја остават СДСМ да ја консолидира својата власт, и мирно да ги трошат чесно заработените пари за време на нивното владеење, се додека не дојде другото полувреме.

Прилично добро структурирана, заробената држава функционира и во рамките на СДСМ, која во првите девет месеци од владеење со ништо не покажа дека сака да раскрсти со претходниот режим. Напротив. Целосно успејаа да го изолираат и парализираат премиерот Зоран Заев, кој единствено отскокнува од мнозиството партиски апаратчици на СДСМ. Да не забораваме дека и Заев е силно уценет поради судскиот процес што се води против него поради наводен поткуп од времето кога беше градоначалник на Струмица. Дали ќе падне на уцените на началниците, не знам, останува да видиме.

А, најлојални и најпосветени актери на заробената држава се таканаречните лидери на албанските партии, кои се најголемите кукавици во целата приказна. Кога треба да зборат, молчат, а кога треба да молчат, се прават херои. Тие на дело ја спроведуваат политичката филозофија на Амди Бајрам, преточена во максимата, секогаш со власта. Никогаш не преземаат одговорност, едноставно креват раменици и велат, јас не знам, јас сум Албанец! Јас мора да бидам некаде! Ако сакате да знаете какви Албанци сака заробената држава во Македонија, погледнето го Али Ахмети и неговите пајташи! Се ќе ви биде јасно!

И на крај, што со вакви лидери! Ништо, ако не дојдат набрзо болдужер дипломатите од Вашингтон и Брисел, кои знаат како со начите политичари, отидовме во неповрат. Нема да ни биде ни прв, ни последен пат! Среќно, драги мои!

Насер Селмани

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e