Танга пресуда! А, од што заработила Ивона Талевска толку пари?

Може да полемизираме дали тангата е долна облека која има за цел да штити одредени делови од телото, да ги покрива или се носи за чалам, повеќе да открива отколку да покрива?! Но, едно е јасно, тангата си ја врши функцијата на долна облека, независно колкумина ја носат и како.

Тангата ќе ја земам само како илустрација за пресудата што ја донесе судијката Софија Лаличиќ во случајот со новинарката Ивона Талевска, на која, за даночно затајување, преку две фирми во период од 7 години, како и преку лични средства не платила данок од речиси 45 илјади евра.

Пресудата, како и тангата, каква и да е ќе заврши работа. Бидејќи, вака како што е изречена, во еден ден, на едно рочиште, со признание на вина, може да се обжалува само за висината на акзната, но не и за погрешно утврдена фактичка положба. Зашто, Ивона прифатила дека СЈО точно пресметал, дека таа преку своите фирми, едната згасната преку стечај во 2013 и со личните приходи ја оштетила државата за веќе спомената сума.

А, за да не плати данок, новинарката на Сител и Вечер Ивона Талевска, во целиот период на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, покрај функциите во двата медиуми имала и две фирми преку кои, без ниту еден вработен свртела милионски суми на денари, а прикажувала дека за потребите на фирмите купувала: долна облека, козметика, маси, столици, велосипеди, мобилни телефони, гориво и патни трошоци, хотели и авиони, лизинг за возило и се што и било потребно за дома.

Барем така вели СЈО во обвинението, во кое е наведено дека се купувало и санитарија, завеси, прибор за јадење и слични работи.

Ивона Талевска и фирмите кои ги водела таа беа обвинети за даночно затајување, а во обвинението се наведува дека ја намалувала вредноста на фирмата преку отпишување на средства и прикажувала разни работи како основни средства за работа на компаниите (без вработени) со што затаила данок.

Обвинението е поделено по години, па така, во 2008 година на пример одбегнала да плати данок на добивка од 23,828 денари, данок на додадена вредност од 96,140 денари, даночни обврски во износ од 119,968 денар, како и персонален данок на доход од 151,999 денари.

Со годините се зголемувала и сумата на затаен данок, кој за 2010 се движел од 345,611 денари неплатен данок на добивка, ДДВ за износ од 524,952 денари, даночни обврски од 870,563 денари  и персонален данок на доход во износ од 544,498 денари.

За даночната 2014 која е последна наведена во обвинението не платила 81,038 денари за данок на добивка, 115,417 денари за ДДВ, 196,455 денари за даночни обврски и 150,408 денари песроналец на лични средства.

Со ваквите дејствија, според СЈО Ивона Талевска и двете фирми што таа ги управувала сториле кривично дело Даночно затајување по член 279 став 2 од Кривичниот закон, а во врска со ставот 1 на истиот член.

Еве што пропишал законодавецот како опис на делото и предвидената санкција:

Даночно затајување

Член 279

(1) Тој што со намера самиот или некој друг да одбегне целосно или делумно плаќање данок, придонес или некој а друга давачка на која е обврзан со закон, дава лажни податоци за своите приходи или за приходите на правното лице, предметите или другите факти од влијание за утврдувањс на износот на ваквите обврски или тој што со иста намера во случај на задолжителна пријава не пријави приход, односно предмет или друг факт од влијание за утврдување на ваквите обврски, а износот на обврската е од поголема вредност, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години и со парична казна.

(2) Ако износот на обврската од став 1 е значителен, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку четири години и со парична казна.

(3) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Ивона Талевска е обвинета за ставот 2, значителен износ, за кој била предвидена казна од најмалку 4 години, но судијката Софија Лаличиќ нашла дека Ивона била неосудувана, примерна, признала вина и така досудената казна ја условила.

Неспорно, социјалните мрежи се вжештија и по прашањето: дали судијката Софија Лаличиќ која ја слушавме во бомбите како беше избрана (во разговор со Сашо Мијалков од каде што потекна и терминот „сваровски судство) може да биде судија за предмет што произлегол од бомбите?! Во случајот со Драган Павловиќ Латас, Лаличиќ барала изземање, но за Ивона Талевска остана да суди. Прашањето, како нејзе ја сакал АКМИС-от за да и се падне предметот од потенцијални 20 судии кои судат во тој оддел, е прашање за судот.

Но, како што реков, пресудата е донесена, а СЈО ќе ја чека писмено да ја добие, за да види дали ќе се жали, иако како што рекоа обвинителите, задоволни се што поднеле обвинение кое Талевска го признала во целост.

Согласно член 279 од Кривичниот законик кривично дело претставува кога некој намерно ќе го одбегне целосно или делумно плаќањето на данокот, придонес или некоја друга давачка на која е обврзан со закон, дава лажни податоци за своите приходи или други факти од влијание за утврдување на износот на ваквите обврски или пријави помалку или не пријави приход.

За едно лице да биде прогласено за виновно за сторено кривично дело – затајување на данок може кога ќе се покаже разумно сомневање дека се присутни следните факти:

Прво: дека лицето што должи значителен данок не гo пријавил во даночните пријави и
Второ: дека лицето знајеќи ги своите обврски за плаќање на данок, свесно и намерно се обидел да го избегне данокот.

Даночно затајување и казна

Даночното затајување е тешко кривично дело и даночниот обврзник се казува со парична казна, а одговорното лице во правното лице со казна затвор. Дури и ненамерното и несвесното намалување или помалку искажување на даноци во пријавите без да се земат во предвид причините за таквото настанување, од страна на даночните инспектори постои сомневање за сторен криминал и се поведува постапка за даночно казнено дело, односно даночно затајување. Во истражната постапка, доказ дали ќе се покрене обвинение против сторителот најмеродавен доказ е извршеното вештачење од страна на стручно лице. (Така барем вели правната теорија)

Не секогаш при ваквите вештачења се  анализира, дали помалку искажаниот данок и приход или неточно искажаните податоци во даночните пријави претставува свесно и намерно даночно затајување или произлегува од нејасните даночни закони и погрешна примена на истите, кое се рефлектира со погрешно искажувањето на даноците и приходите. Често се смета дека степенот на затајување зависи од сериозноста на казната за затајување. Нормално за значително поголем затаен данок , следи повисок степен на казна.

Но, пресудата и обвинението на СЈО не даваат одговор на едно многу важно прашање: Што работела Ивона Талевска покрај новинарството од кој заработила илјадници евра, на кои затаила данок? Со што се занимавале фирмите на Талевска кои трошеле на разни набавки како основни средства а немале ниту еден вработен?!

СЈО, покрај ваквиот опис на класично даночно затајување не направило ниту еден чекор напред да утврди какви бизниси имала новинарката Талевска и од каде добивала пари? Дали не им се видело сомнително што можеби Талевска имала бизнис релации со државни и владини институции, што преку разни договори влегувале и пари од Буџетот за кои понатаму не се плаќал данок?

Обвинителството навистина можело според индициите од разговорите во бомбите да го расветли и овој дел, за да ја докажае спрегата помеѓу медиумите и политиката или бизнис љубовта на гласните новинарски пера кои го креираа јавното мислење од екраните додека фактурирале за консултантски услуги на разни државни и јавни институции.

Овде не станува збор на пример за фирмата „Визарис“ преку која Ивона Талевска му продаваше медицинска опрема на Министерството за здравство (за што СЈО отвори постапка) а Талевска и натаму тужи и побарува штета за раскинувањето на договорот од страна на Никола Тодоров по серијата јавни критики за спрегата власт-медиуми.

Во прашање се две други фирми, од кои едната била стваена во стечај во 2013 година, а другата продолжила да функционира.

Од тука, дека казната била мала и несоодветна треба да се бара и во поставеноста на обвинението кое не се бави и со другите суштински работи за кои се зборуваше во момбите.

ФБ заедницата се сомнева дека може да има договор во случајот со казната на Ивона Талевска, а тоа ќе се види дали е така, доколку СЈО не вложи жалба на пресудата. главните коментари се: каква порака се праќа за неплаќачите на данок со вакви казни?

Но, независно дали оваа пресуда ќе биде коригирана од повисокиот суд по жалба или ќе биде предмет само на јавна критика, без одговор на прашањето. што работела Ивона за да заработи толку пари на кои не платила данок не може да очекуваме ефективна правда. Ниту пак раскинување на спрегата власт-медиуми.

Освен, ако договорената казна не е „условена“ со промена на уредувачката политика на медиумите во кои работи Талевска а која месеци наназад се менува според ритамот на актуелната политика! Се дотогаш јавноста ќе се занимава со потрошените 500 евра на долна облека, која некои ја викаат танга!

Извор: Сведок

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e