Спасибо, њет

Во својата автобиографија, Џон Клиз, лидерот и основач на легендарниот „летачки циркус Монти Пајтон”, си спомнува на бомбардирањето на германската авијација на родното село Вестон-супер-Мер. Добро, ни самиот Клиз не е сосема сигурен дека навистина се сеќава на настанот, со оглед на фактот дека е роден 1939, а германските бомбардери го посеале својот товар врз Вестон-супер-Мер само година подоцна, но дека не станува збор за халуцинација се уверил проверувајќи ги весниците од почетокот на војната.

Значи, настанот сепак се случил, а поентата на Клиз не е во тоа колку длабоко потонал во своето минато, ами во прашањето, зошто побогу Херман Геринг го бомбардирал тоа небитно село на западниот брег со поглед на Велс.

Разни легенди се ширеле во времето на војната и непосредно потоа, од тоа дека пилотите на Луфтвафе го помешале крајбрежјето на Вестон со западниот фронт, па сè до тоа дека Геринг мора да имал некој непријатен инцидент со британска девојка на вестонските плажи во раната младост. Сепак, од сите теории, на Клиз најмногу му се допаѓа онаа на татко му – „тој рече дека Германците го бомбардирале Вестон за да покажат дека навистина имаат смисла за хумор.”

Така отприлика гледам на „руските закани за Македонија”. Некој во администрацијата на руското МНР има факинг добра смисла за хумор. Или, пак, некоја хигеничарка во Москва, раскревајќи го бирото на третиот потсекретар задолжен за Балканот, во доцните попладневни часови налетала на писмото до Путин од нашиот Јанко Бачев. Следувало хистерично смеење од неколку минути, по што заедно со колешките и колегите од катот решиле малку да се пошегуваат на наша сметка, на сметка на Македонија, па пратиле заканувачки мејл до македонската амбасада од компјутерот на третиот секретар.

Како и да е, Македонија, благодарение на стратешките и конзистентни успешни надворешни политики од независноста наваму, како и благодарение на својата неодминлива местоположба (не можеш да ја заобиколиш со параглајдер ако ветерот е неповолен) се избори да биде клучен фактор во позиционирањето на светските геостратези воочи новата Студена војна.

Не им верувајте на тие што тврдат дека Македонија е слепо црево во Европа. Не, тоа не е вистина, зашто слепото црево, иако без некоја особена функција, сепак е дел од организмот. Македонија, како што веќе рековме, благодарение на својата геостратешка положба и умешноста на политичките елити, како и благодарение на непроценетите наоѓалишта на талиум во рудникот Алшар, пирамидите кај Свети Николе, гробот на Александар, барокот во изградба и своите недоволно искористени човечки ресурси (главно ангажирани во државната администрација), не е слепо црево во организам, туку е отстрането слепо црево на медицинска депонија.

Да се закануваш на Македонија или значи дека си ги гледал редовно „Монти Пајтон” или дека не си ја земаш редовно терапијата.

Целата колумна на Сашо Кокаланов за Призма на следниот линк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e