Сите промашувања на Груевски

Прво, како секој политички недоквакан економист, си помисли дека економијата е таа што може да ја потчини политиката – тоа одамна, ако некогаш и било, веќе не е така ни во светот, а никогаш на Балканот! Овде или сите политички договори (и по дома и со надвор) ќе ги направиш со некаков оптимален компромис, па ќе одиш да постигнуваш економски успеси; или ќе потрошиш многу енергија на економија, а политиката ќе ти ги „изеде“ економските резултати, дури и кога би ги имал. Со попрости зборови: прво мир дома, добри односи со соседите и членство во пошироки безбедносни и политички сојузи, па потоа (може и паралелно) економски успех што ќе те прослави; обратното не функционира, па макар и Ставревски да те убедувал во тоа.

Второ, алчност, преголема! Добро, јасно ни е, од плата тешко се живее, нека е и премиерска. Крадењето не се оправдува, но кога размерите се огромни, тогаш не може ни да се разбере: зошто уште еден стан на сите претходни, зошто уште еден милион на сите згрнати, зошто сметки во десетици банки, пари во кеш по сефови и плус уште еден плац „за џабал’к“?! Социјални фрустрации ли се во прашање, што е? Не разбра ли дека сѐ и така беше твое, не мораше и да го поседуваш.

Трето, човечкото окружување – поставувањето само лојални клатиглави околу себе е рецепт за политичка катастрофа! Па, барем ти им се изнаслуша телефонски разговори: не ти беше чудно што, и во твое отсуство, најблиските соработници за тебе говорат со „Претседателот“, со големо П? Или тоа, напротив, ти годеше? Ти („надежниот технократ“) би требало да го знаеш најважното кадровско правило: првокласни менаџери се окружуваат со првокласни соработници; второкласни менаџери се опкружуваат со третокласни соработници. Што да правиме со „четвртава класа“ што ја остави зад себе?

Четврто, како и во хуморот, и во политиката тајмингот е сѐ! Одлични шеги пропаѓале заради грешка во ритамот, кога поентата ќе се каже прерано или предоцна. Ти, без никакво чувство за хумор, ги утна сите политички тајминзи: пропушти низа прилики да се спогодиш кога за тоа имаше и многу подобри понуди и точна временска рамка. Сега, не верувам дека ќе ти дадат да решиш и за тоа кој ќе те наследи во партијата.

Петто, што е таа импресионираност со тајни служби, со тој свет на искршени огледала во чии парчиња гледаш само делчиња од реалноста? И тоа ли е семејна фрустрација? Или имаш потреба да ги држиш другите во страв, бегајќи од твојот? Да се ѕирка во туѓи животи, а тајните од својот (да, да, има уште неоткриени) да се кријат што подобро, користејќи ја службата? Во политиката, тајните служби мора да се дозираат со аптекарски лажички, а не со готварски кутлачи! Дијагноза: умртвени политички инстинкти, плус чорба во главата. Резултат: недоверба, страв, несигурност, погрешни проценки…

Шесто, во политиката, географијата е зададена, не е опционална – ако си опкружен со Запад, зошто намигнуваш на Исток? За инает или од глупост? Виде до кај те дотера?

Конечно, седмо, лоша среќа. Бидејќи , добрата ги следи храбрите…

А, кога добро ќе размислам, и Заев тотално ве надигра. „Црпката“ од Муртино. А и ние нешто помогнавме…

Туку, сега, што правиме? Да викнеме такси или има кој да те однесе?

Сашо Орданоски

Извор: ЦИВИЛ Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e