Шансите за името се фифти-фифти

Важно предупредување: за сите оние на кои „проблемот со името“ им е дојден преку глава, СЕГА е вистинскиот момент да се исклучат од натамошното следење на развојот на македонско-грчките преговори!

Бидејќи, влегуваме во нова фаза во разговорите, кога паралелно со определувањето на „обалите“ на содржинската преговарачка рамка, ќе се лиферуваат семожни шпекулации за имиња, називи, точки и запирки, големи и мали букви и секакви други умствени фриволности. Ќе биде забавно да се види кој од експертите и коментаторите ќе биде најхистеричен, кој ќе биде најкомичен и кој ќе биде не прв, туку последен што ќе повика на прекин на преговорите!

Ова е фазата во која шансите за успех или за неуспех за наоѓање решение се фифти-фифти. На која страна ќе претежне, во многу ќе зависи од случувањата во следните неколку недели, најмногу на грчка страна.

Следуваат големи демонстрации во Атина коишто Ципрас ќе треба да ги преживее, особено што од неговото окружување ќе продолжат да се „отцепуваат“ оние со послаби нерви и поголеми политички амбиции. Колку што успевам да сфатам, занимливо, во мислечките кругови во Грција зрее сознанието дека, можеби како никогаш до сега, доколку преговорите не успеат, не само Македонија, туку и Грција ќе има што да загуби. Не мислам само на растечката регионална и поширока геополитичка нервоза и на грчката позиција во тој свет на подвижни огледала и трајни непријатели; туку мислам и на веројатноста дека таму некој почнал да објаснува дека ова е, можеби, последната шанса во грчко-македонскиот спор кога грчката страна има привилегирана позиција да диктира некакви услови во можниот „пакет“ за решение на спорот. До денеска, тој пакет за машала порасна и далеку ги надминува границите на Привремената спогодба потпишана од Каролос Папуљас и Стево Црвенковски за започнување на разговорите од 1995 г.

Ако, пак, овој процес не успее, досегашниот начин на решавање на спорот, најверојатно, ќе биде сосема прекинат. Како и дали ќе се продолжи на ист начин, сѐ уште не е во доменот на јавната дебата. Но, можно е натамошното позиционирање на Македонија во регионот да еволуира во насоки кои ќе им создадат долгорочни проблеми на Грците и на нивната политичка, економска, па дури и безбедносна улога на Балканот.

Некако, Грците како да ја повторуваат стратегијата при неодамнешниот неуспех во решавањето на кипарскиот проблем: многу оптимизам и надежи, срушени со неразбирлива тврдоглавост во последните денови од ланските преговори – поради одбивањето за демилитаризација на островот и од турска и од грчка страна – на само еден чекор од изнаоѓање на решението за тој спор што трае од 1974 г. наваму и кој не може да резултира со обединување на островот.

Кипарскиот конфликт останува „замрзнат“, на поголема штета на кипарските Турци, бидејќи двете третини од грчкиот Кипар ги уживаат привилегиите на членството во ЕУ.

Но, Македонија не е остров. Напротив, околу нас има само копно, во центарот на еден многу невралгичен европски регион. Нашата позиција, по дефиниција, не може да биде „замрзната“ со децении, иако е вистинско чудо како и до сега опстана тој „мраз“ во проблемот со името, на оваа балканска жега.

Сашо Орданоски

Извор: ЦИВИЛ Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e