Сега му е мајката

Дојдовме до критичната точка на нашето внатрешно ферментирање по прашањето на името. А тоа е да нѐ боли уво за придавката што ќе биде вметната како средно уво за долгорочна стабилност на „старата мома“ Македонија.

Не толку одамна, за „северна“, „горна“, „долна“, „влажна“ или „подмочана“ луѓето беа подготвени да се гаѓаат со тезги на пазар со закрвавени очи од гнев, бранејќи ја својата омилена придавка, а сега ти му велиш дека ќе бидеме „горна“, а него го заболе „долниот“ и продолжува да се ценка за марулата. Што е одлична основа за конечно решавање на долгогодишниот спор, апсурден, но не поапсурден од останатите апсурди на секојдневниот надоаѓачки живот на нашата сакана татковина Апсурдистан.

За мене се прифатливи сите имиња што нема да одат на референдум. Тоа значи дека од властодршците што ги плаќам со мојот данок очекувам да си ги соблечат опинците и да си го изодат патот по врелиот жар без непотребно со спреј да го загрозуваат мојот десен палец и без нови патни трошоци за новата ДИК.

Или поинаку кажано, некои одговори не заслужуваат прашање.

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, беше безобразен кога кажа дека Македонија не е новороденче што треба да има крштевка, туку 25-годишна девојка, млада невеста. Можеби ова клето Грче го фатил климактериум, па му се гледаат млади девојки таму кај што ги нема. За Македонија и стара мома е еуфемизам што повеќе зборува за нејзината брачна состојба, отколку за беневолентноста за влез во нови врски. Таа е беззаба бабетина, која изгледа дури и лошо за своите 73 години.Затоа, без еуфемизми и сексизми, господине Коѕијас. Госпоѓава ниту ќе ја мажиме, ниту ќе ја крстиме, ниту ја токмиме за бадниковата поворка на господин господин Петре Шилегов. Единствено што можеме да направиме е да ѝ обезбедиме долговечна старост и членство во пензионерските домови НАТО и ЕУ, каде што може да се надева на топол дом и редовен оброк.

За мене се прифатливи сите имиња што нема да одат на референдум. Тоа значи дека од властодршците што ги плаќам со мојот данок очекувам да си ги соблечат опинците и да си го изодат патот по врелиот жар без непотребно со спреј да го загрозуваат мојот десен палец и без нови патни трошоци за новата ДИК

Да, во Македонија не изумреа целосно веганите-патриоти подготвени да јадат корења за потребите на борбата за името, но нивната сила драстично е опадната со тоа што некои од нив се префрлија од корења на специјалитети од мензата на притворот во Шутка, други се прилагодија на промената на власта, па сега гледаат да каснат и нешто од новиот живот, трети се скрија во подрум и чекаат да дојде новата ера за да излезат, четврти се зафатени со пребројување на парите што ги лапнаа по разни основи, сите до една патриотски. Како и да е, падот на тиражите на делата на Ниче Македон е исто така добра прилика за решавање на спорот.

Целата колумна на Сашо Кокаланов објавена на Призма, прочитајте ја тука.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e